All I Want for Christmas Is You ѝ носи на Мараја Кери милиони долари секоја година

Песната All I Want for Christmas Is You (Сѐ што сакам за Божик си ти) на Мараја Кери стана синоним за божикните празници и тешко е да се отиде некаде во овој период од годината, без да се слушне.

За Мараја Кери оваа песна е подарок со постојана добивка. Билборд проценува дека пејачката минатата година заработила 1,86 милиони долари од песната, додека според студија на The Economist од 2016 година, Кери заработува во просек 2,5 милиони долари хонорари секоја година. Песната е објавена во 1994 година и би можела да надмине 100 милиони долари вкупна заработка во 2023 година, според извештајот на Асошиетед прес, цитиран од Индекс.

„Сè што сакам за Божик си ти“, достигна милијарда преноси на Spotify во декември 2021 година и беше број 1 на Hot 100 на Billboard во последните четири години по ред.

Кери со текот на годините заработи милиони долари благодарение на нејзината успешна музичка кариера, турнеи и поддржувања, а пејачката има проценета нето вредност од 350 милиони долари, според Celebrity Net Worth.

Оваа песна постави три Гинисови рекорди во 2019 година, вклучувајќи го и насловот на најрепродуцирана песна на Spotify за 24 часа. За еден ден во декември 2018 година, имаше повеќе од 10,8 милиони репродукциии, а повторно го собори рекордот во 2022 година со 21,3 милиони стримови.