Локалната самоуправа на општина Пробиштип се фати во коштец со најгорливиот проблем за жителите на овој рударски град. Со децении наназад хидројаловиштето во кое е наталожен нус производот од рудникот за оловоцинкова руда „Злетово“, претставува вистинска закана за здравјето на населението. Изработена е нова проектна документација која предвидува санација, а при крај се и постапките во делот на урбанизацијата.
– Има два модели на решавање на јаловиштето. Она кое што беше наша идеја, како општина Пробиштип, е најнапред да се влезе во санација на самата површина на јаловишната депонија, да се реши еколошкиот проблем, а потоа да се влезе во втора фаза за поставување на фотоволтаици или фотоволтаична централа. Тоа е проект кој што Пробиштип ќе го направи не само редок во Македонија, туку и на Балканот, како на едно жариште на болести, на една јаловишна депонија имаме обновиливи извори на енергија, изјави Драган Анастасов, градоначалник на Пробиштип.
Според Анастасов, ова е вин вин ситуација од која ќе имаат бенефит општината и потенцијалните инвеститори, но најповеќе граѓаните кои со години наназад се изложени на штетното влијание на прашината од тешките метали.
– Она кое што беше за мене како градоначалник и за моите соработници приоритет, да конечно Пробиштип таа еколошка бомба или еколошка катастрофа ја надмине и никогаш повеќе граѓаните да не бидат сведоци ниту на таа оловна прашина која се крева со самите ветрови, ниту да дозволиме загадување на почвата од атмосферските води, додаде Анастасов.
Пред десетина години имаше интерес од странски компании за експлоатација на метали од хидројаловиштето, кои поради застарената технологија завршиле како нус производ, а постоеше и иницијатива за садење на маслодајна репка, која подоцна би се користела за производство на експериментално био гориво.