Алпите до 2100-та ќе ги загубат повеќето ледници

До крајот на веков глобалното затоплување ќе истопи поголем дел од мразот кој го обликува изгледот и екосистемот на денешните Алпи, предвидуваат швајцарските научници.

Доколу и се успее во исполнувањето на зададената цел за ограничувањето на глобалното загревање на помалку од 2 Целзиусови степени во однос на прединдустриското ниво, две третини од ледниците во европскиот планински синџир ќе исчезнат до 2100 година, велат глациолозите од универзитетот ЕТH (Швајцарски федерален институт за технологија и Универзитет за технологии, науки и менаџмент) во Цирих.

Доколку, пак, климатските промени не бидат ставени под контрола, и доколку емисиите на гасовите кои го создаваат ефектот на стаклената градина продолжат да растат „Алпите главно ќе бидат без мраз до 2100 година и само изолирани ‘крпи’ мраз ќе останат на врвовите“, вели коавторот на студијата, Матијас Хус.

Споменатата студија претставена на состанокот на Европската геонаучна унија во Виена, се заснова на компјутерски модел во кој се следат движењата на мразот и процесот на топење.

Научниците, исто така, предупредуваат дека половината од денешниот мраз на алпските врвови ќе исчезне до 2050 година во секој сличај и без оглед на тоа дали човештвото ќе успее или не да ги ограничи емисиите на гасови кои влијаат врз глобалното затоплување.

Глобалниот раст на температурите ќе стане поизразени во втората половина од векот, предупредуваат научниците.

„Ефектот од намалувањето на леднциите на Алпите е голем, бидејќи ледниците се важен дел од екосистемот на ова подрачје, пејзажот и економијата“, се наведува во соопштението на Европската геонаучна унија.

Ледниците освен што ги привлекуваат туристите, во прв ред се важни затоа што тие се извор на вода за растителниот и животинскиот свет, за земјоделието и хидроцентралите.