Дефинитивната одлука дали партијата на Африм Гаши, Алтернатива, ќе биде дел од Владата ќе биде донесена вечер на седница на највисокото партиско тело – Централен совет. На средбата закажана за вечер во 19 часот во седиштето на партијата во Тетово, како што најави партискиот портпарол Орхан Муртезани, ќе биде донесена конечна одлука, а повеќе информации ќе има на прес-конференција по завршувањето на седницата.
На состанокот на Централниот совет на Алтернатива му претходеа три средби на Гаши со премиерот и претседател на СДСМ во оставка Зоран Заев на кои се дискутираше за учество на Алтернатива во Владата и поддршка на парламентарното мнозинство од нивните четворица пратеници.
По последната средба што се одржа во средата, од Владата соопштија дека се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации во СДСМ и Алтернатива и да се обезбеди потребното усогласување со цел постигнување договор за можна заедничка влада.
-На средбата е констатиран евидентен напредок во усогласувањето на ставовите околу дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, а разменети се и идеи и видувања од двете страни за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт. Разговорите, продолжуваат водени од аспирациите за европската агенда на државата и од потребата за испраќање јасни пораки кон граѓаните и кон ЕУ за посветеноста во европеизирањето на Северна Македонија, за унапредувањето на економскиот стандард и квалитетот на живот на граѓаните, информираа во соопштение од Владата.
Можната заедничка влада, како што наведоа, ќе се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза и која без заддршка ќе ги остварува зацртаните стратешки цели на Република Северна Македонија.
На претходната средба на Заев и Гаши што се одржа на почетокот на неделава начелно бил договорен програмскиот дел од можната идна соработка на Алтернатива во Владата, а како што беше соопштено тогаш, консултациите за кадровските решенија се во тек. Заев и Гаши имаа средба и на 19-ти месецов кога беше соопштено дека разговарале за условите и улогата на Алтерантива во новото парламентарно мнозинство.
Разговорите за евентуално ново парламентарно мнозинство и за влез во Владата на Алтернатива уследија по неуспешната иницијатива во Собранието од страна на опозицијата за гласање доверба на Владата и повлекувањето на Беса од владиниот кабинет. И Алтернатива беше дел од опозицискиот блок потпишан за гласање недоверба на Владата, но Централното претседателство на партијата минатиот петок го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза.
На седница на Централниот одбор на СДСМ, што се одржа истиот ден, беше констатирана оставката на Заев од лидерската позиција во партијата што ја даде лошите изборни резултати на локалните избори, но му беше даден легитимитет да ги води преговорите за парламентарно мнозинство. СДСМ ќе избира нов лидер на конгрес на 12-ти месецов, а за истиот ден конгрес претходно закажа и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Заев во изјава пред една недела за тоа дали во овој момент ќе се повлече од премиерската функција а оставката ќе ја депонира во Собранието или пак ќе го послуша барањето на неговиот коалициски партнер ДУИ својот мандат да го заврши до 2024 година посочи дека сè ќе зависи од преговорите со Алтернатива и со Бугарија.
-Прво треба да се завршат преговорите за парламентарното мнозинство со Алтернатива. Ако тоа се заврши и јавно објави, ќе се направи проценка со стабилно и зголемено парламентарно мнозинство, кога да се влезе во Парламентот со постапка за избор на Влада со Алтернатива, а во зависност од преговорите со Бугарија. Една од најзначајните причини поради кои алтернатива би влегла во Влада е да обебзеди стабилна влада и стабилно мнозинство поради почеток на преговори со ЕУ, изјави Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и вчера повторно побара да се одржат предвремени парламентарни изброи, критикувајќи ја власта и барајќи одговорност од неа за состојбата со енергетската криза, за автобуската несреќа….
Мицкоски во изјава при посетата на Прилеп рече и дека се сомнева и е загрижен дека „премиерот во заминување е подготвен да потпише нов договор со Бугарија кој ќе значи асимилација и директен удар на идентитетот на македонскиот народ“. Повтори и дека е неетично што СДСМ закажале конгрес во ист ден со оној на ВМРО-ДПМНЕ иако нивниот бил закажан месеци порано.