Алтернатива го поддржа денешниот штрајк на СОНК

Владејачката партија Алтернатива предводена од Африм Гаши го поддржа денешниот еднодневен предупредувачки штрајк на наставниците и научните работници во дел од школите, како и нивните барања за дополнително зголемување на платите.

„Независно од нашата политичка позиција, сметаме дека едно општество и една држава која не се грижи за наставниците, со тоа потврдува дека нема чувство за својата иднина. Секако треба да се поздрави одлуката на Владата на Република Северна Македонија за покачување на нивните плати за 5 проценти, но тоа е симболичко унапредување во споредба со нашите должности кон наставниците“, соопштија од Алтернатива, додавајќи дека недостасуваат основни современи услови за квалитетно образование.

Инаку, министерот за образование Арбер Адеми порача дека штрајкот на просветните работници е непотребен и најави ново покачување на платите на наставниците во иднина.