Алтернатива го смени курсот на политичко дејствување, оценува Реџепи

Пратеникот Скендер Реџепи вели дека одлуката да дејствува како независен доаѓа како резултат на непроменување на политичкиот курс. Партиските тела му дозволија да дејствува како независен на последниот конгрес, додавајќи дека одлуката за самостојно дејствување е индивидуална, но останува во духот на договорот за спроведување на владината програма.

„Јас воопшто не се мешав од конгресот па се до сега и оставив раководството да носи независни одлуки кои би го смениле погрешниот курс на политичкото дејствување. Но, бидејќи воопшто не видов промена, не ми остана друго решение освен да донесам самостојна одлука за натамошно политичко функционирање. Во секој случај, ќе го поддржам секој напор на Алтернатива за спроведување на програмскиот договор со Владата“, вели Реџепи.

Алтернатива го обвинува Реџепи дека постапил на штета на парламентарното мнозинство и бара од него да го врати пратеничкиот мандат. Од партијата на Гаши велат дека ќе продолжат да бидат дел од Владата.

„Бидејќи мандатите на пратениците од овој пратенички состав, следствено и на Алтернатива, се добиени под логото и името на партијата, а не како независни кандидати, се надеваме дека пратеникот Скендер Реџепи – во име на политичкиот морал и посветеност на партиските структури кои го направија пратеник – да го врати добиениот мандат во име на партијата, за што Алтернатива ќе биде благодарна за досегашната работа“, наведоа од Алтернатива.

Во новото Централно собрание на Алтернатива, освен Скендер Реџепи, не се најдоа ниту: Асаф Адеми, поранешен министер за култура, Даим Лучи, актуелен заменик министер за култура и Амир Билали, заменик директор на Агенцијата за млади и спорт. Неофицијално се дознава дека Реџепи нема да ја поддржи интерпелацијата против првиот човек на Собранието.