По цели четири години амбасадата на Велика Британија во Техеран денеска е повторно отворена, што се оценува како историски чекор кон подобрување на односите меѓу Западот и Иран.
На повторното отворање на амбасадата присуствуваше британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд, кој повторно го крена знамето на Велика Британија во дворот на резиденцијата сместена во објектот од 19 век во Техеран.
Денешната церњмонија го означува крајот на една и почетокот на нова фаза во односите на нашите две земји – фаза која верувам дека ветува подобрување, изјави Хамонд, пренесува Ројтерс.
Нагласи дека нападот поради кој амбасадата беше затворена претставува негативен поен во дипломатските односи помеѓу двете земји, но како што рече, чекор по чекор, односите се подобрени, посебно со изборот на Хасан Руани за претседател во 2013-тата.
Повторното отворање на нашата амбасада претставува клучен чекор во подобрување на билатералните односи. Првично сакаме да се осигура дека нуклеарниот договор е успешен, вклучително поттикнување на трговијата и инвестициите, по укинување на санкциите, изјави Хамонд, пренесува Би-Би-Си.
Амбасадата на Велика Британија во Техеран беше затворена на 29-ти ноември 2011- тата, откако иранските демонстранти упаднаа во двата главни објекти на истата. Демонстрантите ги уништија портретите на британските монарси, запалија возило и украдоа електронска опрема.
На вратата на големата соба за прием сеуште стои графити написот „Смрт за Англија“ како потсетник на немилиот настан.
По ова Амбасадата на Велика Британија во Техеран беше веднаш затворена, а иранските дипломати беа протерани од Лондон.
Инаку, паралелно со амбасадата на Велика Британија во Техеран, денес во Лондон повторно ќе биде отворена и иранската амбасада. Првично во двете земји ќе бидат распоредени конзули, а амбасадорите ќе бидат договорени во текот на следните месеци.
Хамонд е вториот министер за надворешни работи на Велика Британија кој престојувал во посета на Иран од 1979-тата година. Последната посета беше онаа на Џек Шо во 2003-тата година.