Американската aмбасада во Скопје во врска со последните случувања во Судскиот совет денеска повторно изрази надеж дека ќе има независно и одговорно судство без разлика кој ќе биде во раководството.
„Амбасадата на САД се надева дека ќе има независно и одговорно судство без разлика кои се неговите раководители. Ова е од суштинско значење за градење доверба во институциите на судството во Северна Македонија, наведуваат од Амбасадата на САД за телевизија Алсат во врска со разрешувањето на претседателката на Судскиот сове“, Весна Дамева.
Судскиот совет во средата на јавна седница неочекувано ја разреши претседателката Весна Дамева. Директен повод за разрешување на Дамева било нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка и наводното криење на писмото од амбасадорката Агелер. Нејзиното разрешување го иницира заменикот Селим Адеми, кој по неколку часа тензии и расправии, доби поддршка од 7 од 13 члена на Советот за остратнување на Дамева од претседателското место.
Нејзиниот наследник требаше да се избира вчера, но седницата на Судскиот совет на која се очекува да се гласа нов претседател е презакажана за 2 мај во 11 часот. Заменик-претседателот на Советот Селим Адеми, побара одлагање за неколку дена, поради, како што рече, важноста на прашањето како што е избор на нов претседател, за кое би било добро присуство на сите 13 членови.
Дамева, која по гласањето за нејзино разрешување обвини дека „Советот е претворен во анархија“, а одлуката ја оцени како противзаконска и донесена „за да се задоволат одредени поединци од политиката“, вчера произнесувајќи се за предлогот за одлагање на седницата, рече дека се надева оти во наредните денови ќе има доволно време да се види дали ќе се обезбеди потребното мнозинство за да се легализира, како што наведе, нејзиното незаконско разрешување.
За разрешувањето на Дамева, но и за општата состојба во судството, реагираа претседателот Стево Пендаровски, Министерството за правда, како и правни експерти.
Денеска и претседателката на Врховниот суд Беса Адеми апелираше да се надмине состојбата во Судскиот совет во интерес на граѓаните и на државата.
„Врховниот суд како највисок суд во државата и носител на судската власт истакнува дека во овој клучен период за државата, сите чинители во судството мора да го насочат своето дејствување кон остварување на препораките нотирани во релевантните извештаи за напредокот на Република Северна Македонија, како што се Извештајот на Европската комисија и Извештајот на Стејт департментот. Го охрабруваме Судскиот совет да ја надмине состојбата првенствено во интерес на граѓаните и во таа насока да продолжат напорите за подготовка на Стратегијата за реформи на правосудството, потребните законски измени и примената на европските стандарди, независноста и ефикасноста на судството, борбата против корупцијата, транспарентноста и враќањето на јавната доверба, вели Адеми.