Ноовоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор и постојан претставник на Македонија при Организацијата на обединетите нации, Василе Андоноски, вчера во Њујорк му ги предаде акредитивните писма на генералниот секретар Бан Ки-мун.
На официјалната средба, амбасадорот Андоноски истакна дека Македонија има позитивен и проактивен однос кон ООН, што може да се види и од нашиот досегашен придонес во работата и активностите на организацијата. Притоа, како мирољубива и активно ангажирана членка на ОН, Република Македонија постојано е подготвена да дава свој придонес во насока на зацврстувањето на меѓународниот мир и безбедност, почитувањето на меѓународното право, како и за развој на меѓународната соработка во сите области.
Генералниот секретар Бан Ки-мун, искажа задоволство од досегашниот ангажман и активностите на Република Македонија во рамки на ООН, што се потврдува и со неодамнешниот избор на земјата за член на Советот за човекови права. Тој истакна дека одржува редовни средби со највисоките официјални македонски претставници, на кои се разгледуваат и се дискутира за сите поважни меѓународни прашања.
Притоа, генералниот секретар Бан Ки-мун подвлече дека ООН преземаат повеќе активности за справување со новите глобални предизвици, а во таа насока еден од поважните настани што треба да се одржат годинава е Самитот за климатски промени, закажан за септември 2014 година во Њујорк. Тој упати покана до претседателот Ѓорге Иванов за учество на самитот.