Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир во рамки на кампањата „ЕУ со тебе“ денеска ќе ја посети општина Гостивар.
Ова е втора од низата посети на општините по отворањето на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, во јули 2022 година. Целта на посетите е да се презентираат новите чекори во процесот на преговори за пристапување во ЕУ и нивното влијание врз секојдневниот живот на граѓаните.
За време на посетата на Гостивар, амбасадорот Гир ќе се сретне со градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, членовите на Советот на општината и претставници на граѓански организации.
Тој ќе учествува и на кафе-дебата со граѓани за да одговори на прашања поврзани со европскиот пат на Северна Македонија.