Влегува ли и Вашингтон во промоција на „Малиот Шенген“, во кој треба да биде вклучен целиот регион, без исклучоци?
Пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп, за разговорите меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, вели дека само со присуство на сите регионални земји, балканската иницијатива би била успешен проект.
„Ја поздравуваме иницијативата за „мини Шенген“ на Западен Балкан како начин да се придвижи слободното движење на луѓето и стоките. Веруваме дека таа иницијатива, за да биде успешна, мора да ги вклучи сите во регионот, вклучувајќи го и Косово. Администацијата на Трамп е насочена на помош на целиот регион во создавањето економски можности и работни места за младите“, се наведува во соопштението на Амбасадата на САД во Берлин.
Пораката на Гренел, кој е американски амбасадор во Германија следи откако Црна Гора покажа воздржаност, а Косово категорично го отфрли проектот со образложение дека не сака да ја замени европската перспектива со регионална иницијатива. Малиот Шенген предизвика и политички земјотрес на релација Тирана – Приштина, откако албанскиот премиер Рама беше посочен од косовските политичари дека избрзано и без консултации влегол во сојуз со Србија и Македонија.
-Наместо да брза на состаноци во Охрид и во Нови Сад, Албанија требаше прво да го почека формирањето на косовската влада. Ваквите проекти, Албанија треба да ги започне со Косово, а не со Србија. Мислам дека средбите во Нови Сад и Охрид беа погрешни чекори. , изјави Албин Курти, кандидат за премиер на Косово
Следниот тест „Малиот Шенген“ ќе го има на 21 декемеври во Драч, кога ќе биде појасно дали иницијативата ќе се прошири и нови земји ќе и се приклучат на тројката Македонија-Србија – Албанија.