Македонската влада нема да ги прогласи за персона нон грата бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поради последните иредентистички изјави кон Македонија и Македонците.
Според премиерот Ковачевски, овие бугарски политичари се политички маргиналци, а со воведувањето санкции кон нив , вели, дека само ќе им се направи услуга.
– Тоа им е единствената цел, да ги поткопуваат напорите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат во духот на билатералните односи. Целта на секој политички маргиналец е да стане популарен преку вакви активности и јас нема да им ја исполнам желбата да станат популарни, бидејќи тие не се популарни ниту во своите држави, таму не можат да влезат во парламентот, изјави Димитар Ковачевски премиер на Македонија.
Македонското МНР викендов побара од официјална Софија да се огради од недоличните изјави кои ги нарушуваат напорите на Скопје и Софија за добрососедски односи, но до овој момент, нема ниту став ниту реакција од бугарската влада.
Џамбаски овој викенд на панихидата и чествувањето на Бунева во Скопје порача: „Да живее Бугарија, Македонија е бугарска“.