На меѓународен план новата година започна како што се очекуваше. Жестоко! Прес-конференцијата на новоизбраниот претседател на САД, како и неколкуте негови изјави, дадени во медиумите, ја возбудија меѓународната јавност, но и дипломатијата. Неговиот стил на зборување, но и недоизјаснување, не можат никого да остават рамнодушен. Креира вербален хаос, кој најтешко им паѓа на аналитичарите, но и на креаторите на надворешните политики. Создава привид за неконзистентност во американската надворешна политика. Привид, дека американската надворешна политика не се води од однапред утврдена стратегија за национална безбедност, која секој новоизбран претседател, се’ додека не се промени, е должен да ја следи и ја следи. Тактика која целосно соодветствува со неговиот карактер, но и му ги зајакнува идните преговарачки позиции.
Оваа тактика најдобро се гледа со случајот со Гренланд. Неговата нецелосна и нејасна изјава дека може и воено да го завземе овој остров предизвика реакции, од страна на гувернерот на островот, но и премиерот на Данска. Дополнително министрите за надворешни работи на Франција и Германија јасно ставија до знаење дека се спротивставуваат на промени на суверенитетот на Европската Унија. Угледниот „Washington Post“ си зеде за право да објави дека под раководство на Трамп на површина излегува американскиот империјализам. Небулоза невидена! И ова траеше само 24 часа. Потоа уследија помирувачки изјави, како од гувернерот, така и од премиерот на Данска. Двајцата изјавија подготвеност да разговараат со администрацијата на САД по прашањата за црпење на природните ресурси, од страна на американски компании, односно земање во предвид на американските национални интереси во овој регион. А, тие се големи! Не случајно претседателот Трамп, уште во првиот свој мандат, го отвори прашањето за купување на Гренланд. Колку и да звучи налудничаво, колку и да делува несериозно, Украина и Русија влегоа во војна од истата причина, поради која Трамп сака Гренланд да го стави под своја контрола. Контролата врз морските патишта кои поминуваат низ Артикот, и експлоатацијата на приородните ресурси. Артикот е новото светско „Ел Дорадо“, САД не можат да останат надвор од оваа игра. Дотолку повеќе, доколку се има во предвид дека и Кина, преку Русија, е присутна на теренот. Идниот советник за национална безбедност на САД тоа најдобро го објаснува; „…Ова не е само за Гренланд. Ја имате Русија која се обидува да стане крал… Тоа е нафта и гас. Тоа е за нашата национална безбедност. Тоа е за критичките минерали…“.
Глобалното затоплување го истенчи мразот на Артикот. Технички длабоки дупчења за вадење на нафта и гас е возможно. Проценка е дека на Артикот се наоѓаат 22% од светските енергетски резерви. 13% или околу 90 милијарди барели на нафта, 30% или 59 трилиони кубни метри на природен гас, и 44 милијарди кубни метри течен природен гас. 84% од овие резерви се наоѓаат на отворено море под Артичкиот океан. Плус огромни резерви на минерални суровини, но и ретки метали. Се разбира тука се и резервите на вода за пиење, риби, туризам, но и пространства за производство на зелена енергија. Овие резерви согласно конвенцијата за морето на Обединетите нации им стојат на располагање на Русија, САД, Канада, Норвешка и Данска, преку Гренланд. САД оваа конвенција ја немаат ратификувано. Со тоа тие не се во можност да побаруваат право на повеќе од 200 наутички миљи есклузивна економска зона. За разлика од нив, Русија и Канада веќе истакнуваат побарувања за северниот пол. Дополнително, тенчењето на мразот отвара можности за воспоставување на трговски патишта кои би ја поврзувале Европа со Азија. Во моментов два се поприлично ветувачки- северно-морската рута и севернозападниот премин. Првата проаѓа исцело низ територијалните води на Русија, а втората низ канадските. Само Канада и го признава ова право на Русија и обратно. Само Русија и го признава истото право на Канада. Како илустрација, за да станат работите појанси, северно-морската рута за 40% ја скратува должината на патувањето од досегашната рута преку Суецкиот канал. Уште повеќе, таа рута на Русија ќе и донесе огромни приходи од транзитни такси, но и ќе овозможи изградба на нови цивилни пристаништа. Во моментов Русија по должината на рутата има изградено околу 50 воени бази и станици. Таа е најголема воена сила во регионот и продолжува да ги зајакнува свите позиции. САД, но и другите држави се далеку зад неа.
Русија во оваа операција не е сама. Зад неа стои кинескиот капитал и технологии. Кинески стратешки интерес е да има влијание врз северно-морската рута. Преку неа таа ќе стане „дел“ од европскиот континент. Исто како што Европа ќе стане „дел“ од азискиот. Последнава, се разбира тоа ќе го плати поскапо. Суецкиот канал, но и целиот Блиски Исток, заедно со Балканот, гео-политички ќе прераснат во периферија. Паралено со ова, Кина игра на картата на обезбедување на ефтина енергија. Имено, во рамките на артичкиот регион, на Западно сибирскиот базен и Бренцовиот базен, во моментов се врши експлоатација на приороден гас. Полуостровот Јукатан, прераснува во главен снабдувач на гас за Кина. Таа благодарејќи на гасоводот, моментно, обезбедува 38 милијарди кубни метри на гас годишно. Доколку се’ оди по планот, вториот гасовод „Mоќта на сибир 2“ ќе и’ обезбеди дополнителни 40 милијарди. Фактички поголемиот дел од Азија, вклучувајчи ја и Јапонија, ќе бидат зависни од руски гас. Новиот светски „Ел Дорадо“ прераснува од млако во жешко гео-политичко прашање.
Понудата на американскиот претседател Трамп во првиот мандат, да го купи Гренланд, беше јасен знак дека Артикот влегува во центарот на светската гео-политичка борба. Поголемите држави веднаш назначија амбасадори за Артикот со цел одблизу да ја следат состојбата. Тоа ништо не смени. Русија заедно со Кина прдолжија да ја зајакнуваат својата позиција. Бајденовата администрација, заедно со Франција и Германија, за да го попречат или успорат рускиот продор, се одлучија на најнесигурната варијанта. Да ја потикнуваат Украина да не ги спроведува мировните договори, истовремено вооружувајќи се. Паралелно со тоа тие започнаа со подготовки за спроведување на најсериозни санкции, кои во историјата на меѓународните односи се применети кон одредена држава. Целосно испуштија од вид два факта.
Прво – Русија веќе не е истата од пред 20 години. Второ – глобалниот југ веќе не сака да ги прифати геополитичките игри на Северот. Русија ја започна војната, Западот успеа да го убеди претседателот Зеленски да не прифати мировен договор и сега сме таму каде што сме. На почеток! Но, за жал ослабени. Наместо да се разговара само за Артикот, сега ќе треба да се разговара и за територијалниот интегритет на Украина, но и за целата безбедносна архитектура во Европа. Претседателот Трамп, се чини, ова најдобро го разбра. Зад сцена започна разговори како со Пекинг, така и со Москва. Донбас и Крим на Русија за зголемено присуство на Артикот. Ниту Украина, ниту Европската Унија нема да бидат присутни на главната преговарачка маса. Ако почнат да протестираат зголемување на 5% од БДП за одбрана не им бега. Следејќи го Бајден, земјите на Унијата „седнаа во скутот“ на Трамп.
Војната во Украина нема така лесно да заврши. Русија тешко дека ќе прифати ново примирје. Нема зашто! Колку подолго траат воените дејствија, толку повеќе европската економија ќе назадува. Американската ќе расте. Разделувањето на американската и европската економија станува незапирлив процес. За неколку години, прашањето за иднината на НАТО ќе стане легитимно. На рускиот хоризонт нема да има безбедносни закани. Трамп нема да ја напушти тактиката на Бајден за градење на сојузи од интерес. Целата своја енергија ќе ја насочи кон Пацификот за да ја „задржи“ Кина. Европа ќе стане одлична дестинација за американските и кинеските туристи.
Хартијата трпи се’, па и гео-политички сценарија. Некои се остваруваат, некои не. Многу поедноставно е работите да се стават на хартија, отколку да се реализираат во практика. Руско-Украинската војна е најдобра потврда за тоа. Сепак, и самиот Трамп е сосема свесен дека нема „голема Америка“ без мир на европскиот континент. Путин не може и ништо друго да бара. На Русија насушно и треба мир. Единствена загатка е Кина. Доколку Пекинг и Вашингтон постигнат консензус по прашањето на Артикот, а Русија го прифати, во тој случај, светот ќе го доживее официјализирањето на мултиполарниот свет. Свет кој ќе биде понестабилен, но попросперитетен.
Свет во кој Македонија ќе треба да ја гради својата иднина и благосотојба.
Присуството на премиерот Христијан Мицкоски на инагурацијата на америкaнскиот претседател Доналд Трамп, пожелно е да не го напушта контекстот. Евентуалната средба со новиот советник за национална безбедност на САД треба да се искористи пред се’ за воспоставување на лични котакти. Не е мала работа да се поседува бројот на неговиот телефон. Да не чуе злото! Едноставно прашањата за регионалната безбедност треба да се стават во центарот на разговорите. Република Македонија и до сега беше верен сојузник на САД во однос на регионалната безбедност и ќе опстои во таа насока. Сепак, неопходно е да се потенцира дека во неколку наврати таа беше принудена да ги жртвува своите среднорочни национални интереси, во полза на американските краткорочни. Од тие причини потребно е изместување на приодот кон вашингтонската администрација. Играта доминантно треба да се води на теренот на Советот за национална безбедност, а помалку на теренот на дипломатите во Стејт Департментот. Зајакнувањето на стратешкото партнерство и негово заживување од аспект на отварање на други прашања, посебно трговските, но и научно-истражувачките, треба да се внесат во самата негова суштина. Македонија е мала и „неинтересна“ држава. Сепак, во односи кои би продолжиле да се градат врз принципите на взаемно почитување, тактички може да биде од корист и за велесила како што е САД. Посебно во еден мултиполарен свет.
Автор: Јован Донев за НетПрес