Актуелната и отворена тема за можност од нуклеарна закана од Северна Кореја кон Америка се’ уште стои под знак прашалник.
Американскиот претседател Доналд Трамп, во јуни годинава, со својата Twitter објава тврдеше дека севернокорејскиот диктатор Ким Џонг-ун се согласил да се откаже од неговата нуклеарна програма, во замена за американски безбедносни гаранции, а со тоа и подоцнежно олеснување на санкциите.
Прашањето е: дали после пет месеци договорот е се’ уште „на маса’’ и функционира, или довербата меѓу двете земји е целосно разнишана?
Според последните разузнавачки извори, пишува лондонско Economist, според се’ судејќи Ким многу повеќе работи на проширувањето на својата програма, отколку на нејзино укинување. На 16-ти ноември Северна Кореја објави дека нејзината армија извршила успешно тестирање на „ултрамодерно тактичко оружје“, што претставува прво јавно признание за тестирање на оружје од ноември 2017.
Во јуни двете земји се договорија да „воспостават нови односи меѓу САД и Северна Кореја“ и „да изградат оддржлив и стабилен мировен систем“, додека Северна Кореја „се обврза да работи на целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров“.
САД оттогаш инсистираат дека на секоја нивна отстапка мора да претходи јасен севернокорејски потег кон денукларизација, како што е, на пример, предавање на целосната листа на нејзините нуклеарни постројки и овозможување инспекции на објектите што се познати.
Но, освен замрзнувањето на нуклеарните тестови (што всушност беше направено уште пред Самитот во Сингапур), Северна Кореја направи само симболични гестови, како што беше јавното уништување на една локација за тестирање што повеќе не и’ беше потребна. Пред преземање на поконкретни чекори таа бара реципроцитет од САД, со укинување на некои санкции.
Преговорите што следеа не резултираа со напредок. На почетокот на месецот Северна Кореја во последен момент ја откажа планираната средба меѓу американскиот државен секретар Мајк Помпео и главниот севернокорејски преговарач Ким Јонг-чои.
Ким можеби е подготвен да се откаже од неговото нуклеарно оружје и можеби само сака цврсти гаранции пред да го започне тој процес. Сепак, поверојатно е дека тој сака само замрзнување на нуклеарото оружје, кое режимот го создаваше со децении за да го обезбеди својот опстанок и го користи во сегашната рунда преговори за да издејствува дополнителни отстапки од САД.
На крајот Северна Кореја има историја на давање ветувања на други земји од кои потоа се повлекувала. Цврстото бранење од страна на Трамп на договорот постигнат во Сингапур, кој не содржи детали како би се спроверла денуклеаризацијата, само го охрабрува таквото однесување. Ким ја одржува нејаснотијата на неговите ветувања за да остане во игра, притоа обвинувајќи ги САД за недоволна доверба.