![pozar sad](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/08/pozar-sad.jpg?resize=640%2C360&ssl=1)
Шест нови пожари се разгореле во саботата во САД, со што бројот на активните пожари ширум земјата се искачи на повеќе од сто, со очекувње дека оваа бројка ќе расте благодарејќи на ударите од громови на пресушената почва, соопштија американските власти.
Повеќе од 30.000 луѓе, вклучително и пожарникари кои пристигнаа од сите краишта на САД и уште 140 од Австралија и Нов Зеланд, се борат со огнената стихија којашто проголта 648.000 хекари, објави Националниот центар за координација.
„Очекуваме дека денеска ќе се разгорат уште пет пожари“, изјави Џереми Грејмс, главен прогнозер на центарот за предвидување бури на Националната меторолошка служба, чиешто седиште е во сојузната држава Оклахома.
Според него, бурите кои се проследени со силни грмежи и молскавици, а со малку дожд, се очекуваат во делови на Карпестите Планини, додека американскиот северозапад има критични услови за избувнување пожари кои вклучуваат силен ветер и ниско ниво на влага во воздухот. Пожарникарите од саботата повторно се справуваат со екстремно високите температури и силните ветрови, објави Националниот центар за координација.
Пожарите ги погодија сојузните држави од Вашингтон до Ново Мексико, а Калифорнија е меѓи најпогодените. Пожарот во близина на Рединг во северна Калифорнија уништи преку 77.000 хектари и разори околу 1.100 домови. Околу 160 километри појужно, 3.500 пожарникри се борат со пожарот во комплексот Мендочино, каде до саботата се уништени речиси 133.000 хектари и станува збор за најголемиот пожар забележан во поновата историја на Калифорнија.