
Илјадници демонстранти маршираат низ американските градови, барајќи од администрацијата на претседателот, Доналд Трамп, да ги спои децата на мигрантите со нивните родители.
Протестите избувнаа поради мерките на американската влада со кои децата на мигрантите на јужната граница присилно се раздвојуваат од нивните родители.
Се очекува на повеќе од 700 планирани маршеви низ целата земја да присуствуваат стотици илјади луѓе, главно во градовите кои се пријателски настроени кон мигрантите, како што се Лос Анџелес и Њујорк, но и во поконзервативни места, како Вајоминг. Слоганот на протестите е „Семејствата треба да бидат заедно“, пренесува агенцијата АП.
Илјадници демонстранти се собраа денеска во паркот Лафајет во Вашингтон кој се наоѓа веднаш спроти Белата куќа, со транспаренти на кои беше испишано „Што е следно, концентрациони логори?“ и „Мене ми е грижа, а тебе?“.
Во пресрет на планираниот марш преку Бруклинскиот мост, илјадници луѓе извикуваа „Срамота!“ и „Стоп за притворот!“. Помали групи луѓе се собраат во градските паркови и плоштади во сите држави во САД, на вкупно 703 локации, а фотографии од протестите набрзо почнаа да се шират на социјалните мрежи.
Околу 2.000 деца на мигранти останаа одвоени од нивните родители и покрај извршната наредба на Трамп со која беше ставен крај на неговата контроверзна политика, пренесува Би-Би-Си.