Американски државјанин неовластено минал од Јужна во Северна Кореја и веројатно го притвориле севернокорејските власти, објави во вторникот Командата на мировниците на ОН која го надгледува демилитизираната област меѓу двете земји на поделениот Корејски полуостров.
Мажот учестувавал во обиколка на Заедничкото безбедносно подрачје на границата од демилитаризираната зона којашто ги раздвојува двете Кореи по примирјето склучено по Корејската војна од 1950 до 1953 година, а војници на двете држави одржуваат постојани патроли.
Јужнокорејскиот дневен весник Dong-a Ilbo, повикувајќи се на јужнокорејската војска, објави дека станува збор за извесен Трејвис Кинг, американски подофицер. Агенцијата Reuters наведува дека не можела веднаш да ја потврди веста на весникот.
„Американски државјанин на ориентациска тура на Заедничката безбедносна област (JSA), ја премина, без дозвола, воената линија на разграничување на Демократска Народна Република Кореја (ДНРК – Северна Кореја)“, објави Командата на ОН (UNC) на Twitter.
„Веруваме дека во моментов се наоѓа во притвор… (во Северна Кореја) и работиме со нашите колеги од Народната армија на НДРК на решавањето на овој инцидент“, се додава во објавата.
Полковникот Ајсак Тејлор, портпаролот на командата на американските трупи во Јужна Кореја (USFK) и Командата на ОН изјави дека сѐ уште се истражува што точно се случило.
Белата куќа, Стејт департментот и Пентагон веднаш не одговориле на барање на Reuters да го коментираат случајот.
Стејт департментот во упатствата за американските државјани за патувања во странство им забранува влегување во Северна Кореја „поради континуираниот сериозен ризик од апсење и долгорочно затворање“.
Оваа забрана Вашингтон ја воведе откако севернокорејските власти го притворија под обвинение за обид за крадење агитациски материјал од хотелот во кој престојувал американскиот студент Ото Вормбир во 2015 година. Вормбир почина на 23 години во 2017 година во кома, неколку дена откако беше пуштен од Северна Кореја и се врати во САД.