Американецот Кан го купува „Вембли“ за 600 милиони фунти

Сопственикот на премиерлигашот „Фулам“ и на франшизата „Џексонвил Јагуарс“ во американската НФЛ лига, Шахид Кан ќе стане сопственик на  легендарниот стадион „Вембли“ за цена од 600 милиони фунти, пишува „Фајненшл тајмс“.

Американскиот бизнисмен со пакистанско потекло постигнал договор со Фудбалската асоцијација на Англија, па затоа се очекува конечната одлука за продажба на лондонскиот стадион да биде донесена утре, кога истата ќе ја потврди десетчлениот одбор на ФА. Потоа оваа одлука следниот месец ќе биде презентирана на Советот на ФА, кој брои 127 членови.

 

 

Кан купувањето на „Вембли“ го почна во април, кога се шпекулираше за сума од 800 милиони фунти. Тој тогаш истакна дека размислува за преместување на „Јагуарите“ во Лондон,  што е негова голема желба.

ФА објави во јануари дека долговите што ги стекнала со изградба на новиот објект од 90.000 седишта ќе бидат исплатени дури во 2024 година и дека останало на доверителите да им се исплатат околу 140 милиони фунти. Изградбата на новиот „Вембли“ чинеше 757 милиони долари, а беше отворен пред 11 години.

Според планот за продажба, Кан ќе треба да се обврзе дека англиската репрезентација и понатаму ќе игра на стадионот, додека на него ќе му бидат доделени спонзорските права.

Купувањето на „Вембли“ нема да влијае на „Фулам“, кој, според најавите, ќе остане на„Крејвен котиџ“.