Американската компанија „L3Hrarris“, подизведувач на американското министерство за одбрана, е во преговори со израелската технолошка компанија „NSO Group“, којашто инаку е санкционирана во САД, за купување на нејзиниот шпионски софтвер Pegasus, објави во вторникот весникот The Washington Post повикувајќи се на сопствени извори.
Евентуалната сума за зделката, како и поединостите од договорот, сѐ уште не се соопштуваат. Ниту од „L3Harris“, ниту од „NSO Group“ не сакале да одговора на барање за коментар од весникот.
Истовремено од Белата куќа изразиле загриженост од евентуалниот договор, бидејќи израелската компанија е на „црната листа“ на американското министерство за трговија.
„Ние сме длабоко загрижени“, го цитира весникот неименуваниот портпарол во администрацијата на претседателот Џо Бајден.
Инаку познато е дека Pegasus овозможува пристап до содржината на мобилните уреди и без знаење на сопствениците.
„Pegasus“, алатката за хакирање на паметните мобилни телефони која ја креирала израелската компанија „NSO Group“, бил користен со цел да се „собираат податоци и пред да е отворена каква и да е истрага против тие цели и без судски налози“. шпионскиот софтвер „Pegasus“ за хакирање и прислушување мобилни телефони, инаку развиен за борба против терористите, бил користен за шпионирање новинари и активисти на невладините организации.
Софтверот е во состојба да ја следи не само целата комуникација на мобилниот телефон, туку и да го пренесува она што го покажува телефонската камера, се наведува во заедничкото истражување на германските медиуми и организациите Forbidden Stories и Amnesty International, објавено ланското лето.
По проучувањето на 50.000 телефонски броеви во тоа истражување, откриено е дека „Pegasus“ е инсталиран во телефоните на повеќе од 180 новинари и стотици активисти, како и државници и дипломати.