Амбасадата на САД во Тирана го поздрави донесувањето на новата судска мапа, оценувајќи дека тоа е „подготвеност да им се даде правда на граѓаните“.
Во соопштението на Амбасадата се наведува дека новата мапа на албанските судови била изготвена од страна на Високиот судски совет преку процес во кој биле вклучени Министерството за правда и други актери, како и со техничка помош од Владата на Соединетите американски држави.
Се оценува дека договорот за мапата, кој следел по опсежни консултации и разгледување на загриженоста на засегнатите страни како дел од тригодишниот процес, претставува добар пример за соработка меѓу независните институции.
– Високиот судски совет успешно ја исполни својата законска обврска редовно да гарантира дека судскиот систем е подготвен да обезбеди ефективно судско работење и да ја испорача правдата без одлагање за албанските граѓани, се наведува во соопштението на Американската амбасада во Тирана.
Инаку, и покрај спротивставувањето на Адвокатската комора на Албанија, во која членуваат над две илјади адвокати, Владата сепак ја усвои новата реорганизација на судството.
Со неа сега ќе функционираат 13 наместо 22 првостепени судови, еден апелациски суд и тоа само во Тирана, претходно беа шест, како и два наместо шест Управни судови.