Соединетите држави порачаа во неделата дека дипломатскиот пат за решавање на украинската криза и натаму е отворен, но дека опасноста од наводната руска инвазија е доволно голема за носењето одлука за повлекување на американските дипломати од Киев.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги брифираше новинарите во саботата по разговорите со колегите од Јапонија и Јужна Кореја, по предупредувањето на Вашингтон дека руската војска наводно „во секој момент“ може да ја нападне Украина. Москва повторува дека нема никаков план за некаква инвазија врз соседната земја и дека нејзиното размесување на единиците на својата територија во близина на украинската граница е само одговор на „агресивното однесување“ на САД и НАТО во регионот. Тврдењата од Вашингтон и Брисел ги нареле „кулминација на антируската хистерија“.
„Дипломатскиот пат и натаму е отворен. Начинот Москва да покаже дека сака да оди по тој пат е едноставен. Треба да ја деескалира сутацијата наместо да ги подига тензиите“, изјави Блинкен по средбата со колегите од далечниот истој на Хаваи.
Вашингтон претходно во средата нареди повлекување на повеќе дипломати од Украина поради заканата од руска инвазија.
„Наредивме заминување на повеќето Американци кои и натаму се во амбасадата во Киев“, рече Блинкен додавајќи дека ризикот од руска воена акција е „доволно голем“ и дека тоа е „најразборитата работа којашто треба да се стори“.
Очекувано, американските сојузници го следеа примерот на Вашингтон и објавија евакуација на својот дипломатски персонал од Киев, и ги повикаа своите државјани да ја напуштат Украина или да ги избегнуваат патувањата во оваа земја.
Агенцијата Reuters извести дека американските претставници во мисијата на Организацијата зе безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во неделата со автомобили го напуштиле источниот град Донецк кој е под контрола на милицијата на одметнатото тамошно доминатно руско и рускојазично население.
ОБСЕ има мисија во Украина, којашто вклучува и цивилен надзор во самопрогласените републики во Донец и во Луганск, каде избувна војна во 2014 година со силите под контрола на властите кои го изведоа превратот во Киев откако поставија нивни регионални власти наместо избраните и го забранија рускиот јазик како службен.
Во неделата својата амбасада ја евакуираше и Австралија, а нејзиниот премиер Скот Морисон ја прозва Кина дека е „морничаво тивка“ во врска со украинската криза.
Кинескиот претседател Кси Џинпинг беше домаќин на рускиот претседател Владимир Путин на отворањето на Зимските олимписки игри во Пекинг пред две седмици, а двајцата челници тогаш зборуваа за стратешкото партнерство без „ограничувања“, што на Западот се толкува како меѓусебно поддржување по прашањата на Украина и Тајван.
Путин бара обврзувачки безбедносен договор со НАТО за неширење на Алијансата кон исток и на самите руски граници, неразместување на стратешки ракетни системи во соседните земји, неприем во членство на Украина и Грузија, како и враќање на воената инфраструктура на истокот на Европа на границите до 1997 година, кога е воспоставен договорот во форматот на Советот НАТО-Русија.