Американската крајбрежна стража покрена истрага за имплозијата на подморницата „Титан“

Американската крајбрежна стража ги истражува причините за експлозијата на подморницата „Титан“, во која загинаа сите пет патници, додека била на пат кон остатоците од потонатиот брод „Титаник“, соопштија денеска официјални лица.

„Мојата примарна цел е да спречам инциденти како овој со давање на неопходните препораки за подобрување на безбедноста на морето ширум светот“, рече главниот истражувач на крајбрежната стража, капетанот Џејсон Нојбауер на прес-конференција во Бостон, пренесе Ројтерс. Тој објасни дека крајбрежната стража во петокот формирала „поморски истражен одбор“, кој работи со Федералното истражно биро (ФБИ) на собирање докази.

„Доказите ќе бидат споделени со Меѓународната поморска организација и други групи за да помогнат во подобрувањето на безбедносната рамка за подводните операции низ светот“, рече Нојбаер.

Тој додаде дека крајбрежната стража е во контакт со семејствата на петте лица кои загинаа и дека инспекторите ги преземаат сите мерки на претпазливост на местото на настанот во случај да наидат на некакви човечки останки.

Претходно, канадскиот одбор за безбедност на транспортот објави дека спроведува сопствена истрага за експлозијата на „Титан“, што покрена прашања за недостатокот на регулатива за такви експедиции.

Поморските агенции ја пребаруваат областа во северниот дел на Атлантикот каде што е уништена подморницата. Остатоците од подморницата се лоцирани на околу 3.810 метри под вода во близина на потонатиот брод на бродот „Титаник“.