Американската министерка за финансии во Пекинг се сретна со кинескиот премиер

Американската министерка за финасии Џенет Јелен се сретна во петокот со кинескиот премиер Ли Кианг во Пекинг, каде што пристигна ден претходно во четиридневна посета поради подобрување на тензичните односи по бројни прашања меѓу двете најголеми светски економии.

Јелен рекла дека „здравиот економски натпревар“ е цел кога станува збор за односите меѓу САД и Кина, стои во говорот кој го објави американското Министерство за финансии во петокот.

Истовремено, Јелен била истрајна на тоа дека САД „од одредени околности ќе мораат да спроведуваат насочени мерки за да ја заштитат сопствената национална безбедност“.

„И можеби не се согласуваме во тие случаи. Меѓутоа, не би требало да дозволиме никакви несогласувања да доведат до недоразбирања коишто непотребно ги влошуваат нашите билатерални економски и финансиски односи“, се цитира Јелен во објавата на нејзиното министерство.

Јелен претходно во петокот неофицијално разговарала и со поранешниот кинески премиер Лиу Хе и со челникот на кинеската централна банка Ји Ганг.

Јелен допатува во четиридневната посета на Пекинг во екот на сериозните тензии меѓу двете земји. Целта на нејзината посета , според Вашингтон, е повторно да се воспостават каналите за комуникација меѓу двете најголеми глобални економии.

По неколкумесечни одлагања поради контроверзиите околу соборувањето на наводниот кинески шпионски балон на САД, американскиот државен секретар Ентони Блинкен престојуваше во мај во Пекинг. Целта на неговата посета беше инсистирањето на Вашингтон, Кина да се дистанцира од Русија во поглед на нејзината инвазија во Украина и спречување на можноста воено да ја помага.

Американско-кинеските односи се силно нарушени по провокативните посети на највисоки американски функционери на Тајван, што Пекинг го смета за нарушување на статус-квото во односот на островот кој го смета за своја одментата територија, кинеската поддршка за руската воена операција, наводните кинески шпионарања, американските санкци и блокирања за кинеските компании и забрана на извози на чипови и технологии во Кина.