![erusalim](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/12/erusalim-2.jpg?resize=640%2C411&ssl=1)
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја ефектуира одлуката за признавање на Ерусалим за главен град на Израел не е во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации, изјавија во петокот амбасадорите на Франција, Велика Британија, Италија, Шведска и Германија, но не ги споменаа мерките на одмазда.
Оваа одлука не придонесува на шансите за постигнување мир во регионот, велат дипломатите во изјавата дадена по завршувањето на итната седница на Советот за безбедност при ОН на која САД беа изолирани. Амбасадорите, исто така, ги повикуваат „сите страни и сите регионални фактори заедно да работат на одржувањето на мирот“.
„Не се согласуваме со одлуката на Соединетите држави да ги признаат Ерусалим за главен град на Израел и да покренат подготовки за преселување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим“, истакнуваат амбасадорите на споменатите европски земји.
„Статусот на Ерусалим треба да биде одреден со преговорите меѓу Израелците и Палестинците, кои мораат да заклучат спогодба за финалниот статус. Ерусалим би требало да биде главен град на двете држави, Израел и Палестина. Без договор ние не признаваме никакво суверенитет над Ерусалим3, истакнуваат.
„Согласно меѓународното право и сродните резолуциите на Советот за безбедност, особено резолуциите 476, 478 и 2334, сметаме дека источен Ерусалим е дел од окупираните палестински територии“, истакнуваат петтемина амбасадори.
„Договорот за границите меѓу двете држави би требало да се одреди врз основа на линиите од 4-ти јуни 1967 година, вклучувајќи го и Ерусалим, освен оние кои ги договорат страните“, инсистираат европските дипломати.
„Подготвени сме да придонесеме на сите веродостојни напори за покренување на мировниот процес врз основа на договорените меѓународни параметри, што би требало да доведе до решение со две држави. Ја повикуваме американската администрација да предаде детални предлози за израелско-палестинскиот договор“, заклучуваат амбасадорите.