Американската полиција нема да може да апси врз основа на националност или вера

Американскиот државен обвинител Ерик Холдер објави денеска нови упатства за полициските сили. Со тие насоки, во исклучок на случаите на национална безбедност, се забранува апсење или проверка на идентитетот врз основа на националноста, етничката, верската или сексуалната ориентација, пишува МИА.

Холдер го најави планот уште минатата недела, во екот на протестите во Фергусон, покренати по одлуката на властите да не покренуваат обвинение против полицаецот белец Дарен Вилсон, кој уби невооружен тинејџер црнец Мајкл Браун.

Тој потег веќе подолго време го бараа борците за човекови права.

Холдер рече дека по повод неодамнешните инциденти, императив е да се преземе се за да се обезбеди силна и здрава полициска практика, истакнувајќи дека со новите упатства е направен голем и важен исчекор.

Новите стандарди нема да се однесуваат на граничната контрола, како што е потврда на идентитетот или багажот на аеродромите, што останува во надлежност на американското одделение за внатрешна безбедност.

Во исто време, државниот правобранител на Њујорк, Ерик Шнајдерман, повика да се истражат и пред лицето на правдата да се изведат полицајците кои убија невооружени цивили.

Убиствата на невооружени цивили предизвикаа протести ширум САД.

Администрацијата на поранешниот претседател Џорџ Буш во 2003 го стави надвор од законот расното профилирање, но тоа се однесуваше само на случаи поврзани со националната безбедност.