Американската војска соборила четири дронови во Црвеното Море, нападнати три комерцијални танкери

Американските воени сили во периодот од саботата кон неделата соборија четири беспилотни летала кои се движеа во правец на американски разурнувач во Црвеното Море и беа лансирани од територијата на Јемен контролирана од солоте на шиитската заедница Хути, а три цивилни танкери биле цел на напади со беспилотни летала, два од кои биле лансирани од Јемен а еден од Иран, тврдат од САД.

Централната команда на американските поморски сили CENTCOM одговори на повиците за помош од два брода кои беа нападнати, се тврди во објавата на платформата X.

Танкер за хемикалии и нафта кој пловел под норвешко знаме пријавил дека бил промашен од беспилотно летало, а танкер со сурова нафта кој пловел под индиско знаме за Габон пријавил дека бил погоден, се вели во соопштението на американската Централна команда.

Две противбродски балистички ракети, исто така, беа „истрелани на меѓународни бродски патишта во јужниот дел на Црвеното Море од областите во Јемен контролирани од Хутите“. „Нападите претставуваат 14-ти и 15-ти напади на милитантите Хути врз комерцијални бродови од 17. октомври“, објави CENTCOM.

Хутите, кои контролираат голем дел од Јемен, со недели ја попречуваат светската трговија со напаѓање бродови што минуваат низ теснецот Баб ал-Мандаб на јужниот крај на Црвеното Море, како што велат, оние кои се поврзани со Израел или пловат кон земјата како одговор на израелската војна против Палестинците во Појасот Газа.

Британската Агенција за операции на трговска морнарица претходно објави дека дрон експлодирал во близина на брод во теснецот Баб ал-Мандаб, 45 наутички милји југозападно од Салиф во Јемен.

Соединетите држави ја започнаа операцијата „Prosperity Guardian“ пред три дена, велејќи дека повеќе од десет земји се согласиле да учествуваат во напорите, кои ќе вклучуваат заеднички патроли во водите на Црвеното Море во близина на Јемен.

Американското Министерство за одбрана во саботата соопшти дека беспилотно летало наводно лансирано од Иран погодило танкер со хемикалии во Индискиот Океан рано во саботата.

„Моторниот брод CHEM PLUTO, хемиски танкер кој плови под знамето на Либерија, во сопственост на Јапонија и Холандија, беше погоден од нападно беспилотно летало истрелано од Иран денеска околу 10 часот по локално време во Индискиот Океан, на 200 наутички милји од брегот на Индија“, изјави портпаролот на Пентагон.

Инцидентите укажуваат на ескалација на регионалните тензии и нов ризик за водните патишта по нападот на Хамас врз Израел на 7. октомври. Иранската влада, како и нејзините сојузнички милитантни сили во Јемен, јавно ја критикуваа воената операција на израелската влада во Газа во која загинаа повеќе од 20.000 палестински граѓани.

Во соопштението на Пентагон се вели дека нападот е „седми ирански напад врз трговски бродови од 2021 година“.

Во нападот нема жртви, а краткотрајниот пожар на цистерната е изгаснат. Инцидентот се случил на само 200 наутички милји од брегот на Индија.

Според компанијата за поморска безбедност „Ambrey“, бродот е „поврзан со Израел“ и плови меѓу Саудиска Арабија и Индија, а весникот The Wall Street Journal тврди дека холандската компанија што управува со „MV Chem Plutoom“ е поврзана со израелската бродска компанија „Idan Ofer“. Индиската морнарица испрати авион и воен брод за да му помогнат на „MV Chem Pluto“.

Портпаролот на иранската делегација во Обединетите нации не одговори веднаш на барањето за коментар од агенцијата Reuters. Во ноември, напад со беспилотно летало во Индискиот Океан оштети и израелски товарен брод, за што Вашингтон го обвини и Иран.

Нападите врз комерцијалните бродови од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7. октомври ги поттикнаа големите бродски компании да ги пренасочат своите бродови во јужниот дел на Африка, и покрај повисоките трошоци за гориво за долгите патувања.

Во саботата, функционерот на Иранската револуционерна гарда Мохамад Реза Накди предупреди дека другите водни патишта ќе станат непроодни доколку продолжи војната меѓу Израел и Хамас.

„Со продолжувањето на злосторствата, Америка и нејзините сојузници мора да очекуваат раѓање на нови сили на отпорот и затворање на водните патишта“, рече Накди цитиран од иранската новинска агенција Tasnim. „Наскоро ќе мора да очекуваат затворање на Средоземното Море, Гибралтар и другите водни патишта“, предупреди тој.

Црвеното Море е „автопат“ што го поврзува Медитеранот со Индискиот Океан, а со тоа и Европа со Азија. Секоја година низ Суецкиот канал минуваат околу 20.000 бродови, што претставува околу 40 отсто од светската трговија.

Белата куќа го обвинува Иран дека е вклучен во планирањето на нападите на Хутите, бидејќи им обезбедува „софистицирана воена опрема“ и „разузнавачка помош“, без која јеменските бунтовници тешко би ги забележале и погодиле бродовите. Иран признава дека обезбедува политичка поддршка за јеменските бунтовници кои војуваат од 2014 година против меѓународно признатата влада на Јемен. Но, Техеран негира дека ги снабдува бунтовниците со воена опрема.