Американски борбени авиони пресретнале повеќе руски воени авиони, вклучително и борбени авиони кои ги придружуваат вообичаено стратешките бомбардери, додека тие летале во меѓународен воздушен простор во близина на Алјаска, соопшти американската армија.
Авионите, кои биле идентификувани на 13-ти февруари, не влегле во воздушниот простор на САД или на Канада и не претставувале закана, објави Северноамериканската команда за воздушна одбрана (NORAD).
Се истакнува и дека руските летови на ниеден начин не се поврзани со мистериозната серија неидентификувани летачки објекти кои американските борбени авиони ги соборија изминатата седмица.
„NORAD ја предвиде таквата руска активност и, како резултат на нашето планирање, беше спремен да ги пресретне… Два ловци ‘F-16’ на NORAD го пресретнаа рускиот авион“, се додава по што е нејасно дали станува збор за еден или повеќе руски воени летала.
Иако од NORAD велат дека понекогаш ги проследуваат авионите од воздушниот простор во близина на Алјаска доколку е потребно, но овојпат не наведе дали тоа бил случај.
Руското Министерство за одбрана не соопшти дека нејзините авиони биле пресретнати од странски летала, но во средата објави дека последните денови извела повеќе летови над меѓународните води, вклучително и во Беринговото Море меѓу Русија и нејзината поранешна територија Алјаска сега американска сојузна држава.
Во соопштението се наведува дека два нејзини стратешки бомбардери „Ту-95МЦ’ го прелетале Беринговото Море придружувани од повеќенаменските ловци „Су-30“.
„Пилотот на авионите со долг долет редовно изведуваат летови над неутралните води на Арктик, Северен Атлантик, Црното Море, Балтичкото Море и Тихиот Океан“, соопштија од Москва.
Северноамериканските безбедносни сили беа во состојба на висока готовност во последниве недели откако наводниот кинески шпионски балон навлезе во воздушниот простор на САД, поради што САД го соборија и други неидентификувани објекти забележани во нивниот воздушен простор.
Иако Русија претходно вршеше летови над Беринговото Море, нејзините соседи во регионот станаа позагрижени за воените активности на Москва по нејзината инвазија на Украина минатата година. Земјите-членки на НАТО во последните години ги засилија воените вежби на Арктикот, додека Русија која поседува поголем дел од тамошната инфраструктура изминатата деценија ја прошири и обнови својата воена инфраструктура демонстирајќи супериорност во регионот.