Ирачките власти наскоро ќе објават конечен успех на офанзивата за заземање на Мосул, вториот по големина град во земјата кој три години е под контрола на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, изјави во саботата американскиот генерал Роберт Софж.
„Објавата е прашање на моменти. Не сакам да шпекулирам дали тоа ќе се случи денеска или утре, но ќе биде многу скоро“, рекол американскиот воен функционер во Багдад, пренесува AFP.
Џихадистите кои останаа во Мосул се борат до смрт на мало подрачје во центарот на историското градско јадро Стариот град, во близина на реката Тигрис, потврдил генералот.
Тие во последните потези убиваат што повеќе можат, додал. Некои џихадисти се обидуваат да побегнат и се мешаат со цивилните бегалци, откако ги избричиле брадите и ги симнале униформите.
Битката за Мосул започна на 16 октомври 2016 година, пред повеќе од осум месеци и борбите со текот на времето се интензивираа додека ирачките сили, помогнати на копно од шиитските доброволци и сунитските локални племенски милиции и од воздух од меѓународната коалиција предводена од САД, се приближуваа до центарот на градот.
За да го спречат нивното напредување, џихадистите од Исламската држава поставувале експлозивни направи во сите згради. Конечната победа би претставувала голем пресврт за ирачките сили кои во јуни 2014 година мораа да им го отстапат градот на џихадистите пред нивната неочекувана офанзива на илјадниците добро вооружени борци.
Претходно претставник на ирачката армија потврди дека владините сили ги потиснале борците на Исламската држава и ја преземале контролата над Стариот град во Мосул, последното урбано упориште на сунитската екстремна групација. Паѓањето на Мосул се смета и за официјален крај на половината на самопрогласениот калифат.