![borni koli sad](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/03/borni-koli-sad.jpg?resize=640%2C426&ssl=1)
Огромниот американски транспортен брод „Liberty Passion“ превезува големо количество воена опрема кон пристаништето Александрополис во северна Грција, пренесува интернет ресурсот за следење на пловидбите МarineTraffic.
Според информациите на сајтот, бродот го напуштил американското пристаниште Чарлстон на 5-ти март и се очекува во грчкото пристаниште Александрополис да вплови вечерта на 19-ти март.
Бродот „Liberty Passion“ е дизајниран за транспорт на опрема и техника, изграден е во 2017 година и плови под американско знаме. Неговата носивост е 20,3 илјади тони, а моменталниот газ на пловилото е 10 метри. Бродот е долг 199,98 метри и широк 32,3 метри.
Информативниот портал 902.gr на Комунистичката партија на Грција објави дека бродот носи воена опрема „до пристаништето Александрополис, кое грчките влади го претворија во база на САД и НАТО“. Во близина на Александрополис е стационирана и ударната група пловила на американскиот носач на авиони „Harry S. Truman“.
Во објавата се тврди дека опремата потоа со железница ќе биде префрлена во Полска за зајкнување на групата на НАТО кон границите со Белорусија односно Русија, во заднината на руската воена офанзива во Украина.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки неодамна изјави дека Варшава сака на своја територија да распореди што е можно повеќе американски војници. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен при нивната средба минатата седмица на полско-украинската граница одговори дека „се согласува со потребата за зајакнување на источното крило на НАТО“.
Зајакнувањето на трупите на НАТО во источна Европа започна уште пред почетокот на руската офанзива во Украина, што Москва го смета за загрозување на нејзината безбедност.