Вкупно 14 американски конгресмени застанаа зад резолуција поднесена од Кендис Милер од Мичиген, со која се дава поддршка за македонското барање за членство во НАТО и се бгара од администрацијата на претседателот Барак Обама да работи со Грција и другите НАТО членки да престане блокирањето на македонските интеграции поради билатерални спорови, пренесе МИА.
Резолуцијата на Милер, која ја предводи групата за пријателство со Македонија во американскиот Конгрес, ја поддржаа и конгресмени кои се влијателни во формирањето на надворешната политика на САД како Кристофер Смит, Мајкл Тарнер, Адам Кинѕингер и Тед По, како и традиционални поддржувачи на Македонија во Конгресот како Бил Паскрел. Резолуцијата се повикува на долготрајната поддршка која САД и ја давале на Македонија, како и на македонската поддршка на меѓународните мисии иницирани од САД, приемот на бегалците од Косово во 1999 година, декларацијата за стратегиско партнерство меѓу САД и Македонија и одамна завршените реформи потребни за членство во НАТО.
“Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО, што беше истакнато и во декларацијата по самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, а потоа доби поддршка и во Меѓународниот суд на правдата. Оттаму Претставничкиот дом на Конгресот на САД ги поддржува македонските аспирации за членство во НАТО, високо ги цени напорите на Македонија и нејзината посветеност и учеството заедно со Соединетите Американски Држави и други земји во промовирањето на мирот, стабилноста и взаемното разбирање. Претставничкиот дом ја повикува администрацијата и Стејт департментот да продолжат да работат со Македонија и да го поддржуваат проширувањето на НАТО и полноправното членство на Македонија во НАТО”, пишува во резолуцијата. Во резолуцијата се бара САД да обезбедат “билатералните спорови да не го попречуваат приемот на Македонија во НАТО, особено имајќи ја предвид регионалната стабилност и актуелната ситуација во Украина”.
Од економска гледна точка, во резолуцијата се оценува дека решавање на спорот за името ќе има поволен ефект и врз Грција, која има значителен интерес за добра деловна соработка со Македонија. Резолуцијата на Милер истакнува и дека Македонија е посветена на спроведување на економски реформи и посочува на напредокот на листите за слободни економии подготвени од Светската Банка, институтот Херитиџ и Вол Стрит Журнал, кои придонесуваат за подобрување на животот на граѓаните. Во резолуцијата се истакнува и дека Македонија е посветена на реформи за натамошен развој како стабилна мулти-културна демократија, со почитување на политичкиот дијалог, независно судство, медиумски слободи и реформирање на јавната администрација.
– Позитивно е што во рок од само неколку дена, 14 конгресмени ја потпишаа резолуцијата. Седум од нив се републиканци, шест се демократи, а четворица се членови на Комитетот за надворешна политика на Претставничкиот дом, изјави Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора.
фото: МИА