Американски маринец загинал во украински Бахмут

Поранешен припадник на американскиот марински корпус, Купер „Харис“ Ендрјус, кои се борел на страна на украинските сили, загинал во југоисточниот град Бахмут, објави американската телевизија CNN повикувајќи се на неговото семејство.

Како што изјавила мајката на загинатиот борец, Вилоу Ендрјус, нејзиниот 26-годишен син го напуштил родниот Кливленд во американската сојузна држава Охајо и заминал во Украина во текот на ланскиот ноември. Едрјус, додала бил погоден од минофрлач, како што се претпоставува, загинал на 19-ти април наводно при евакуирање цивили по ткн „Патот на животот“.

Меѓутоа, познато е дека во Бахмут среде жестоките борби во градот кој пред војната имал 70.000 жители, останале само неколку стотици цивили кои ја одбиле евакуацијата од страна на украинските сили. Покрај тоа, украинските сили од уште од март контролираа помалку од една третина од градот.

Според мајката на загинатиот, неговиот договор со украинската Легија на странците којашто ја промовираше украинскиот претседател Володомир Зеленски веднаш по почетокот на руската инвазија на 24-ти февруари 2022-ра, истекол уште во март, но наводно решил да остане. Додала дека неговото тело допрва треба да биде извлечено, поради борбите.

Во прилогот на CNN се наведува дека Ендрјус наводно работел во активистичката група позната како Комитет за отпор, како што било објавено на социјалните мрежи.

Од американскиот Стејт департмент во понеделникот ја потврдиле смртта на американски државјанин во Украина, одбивајќи да откријат поединости за него.

„Можеме да ја потврдиме смртта на американски државјани во Украина. Во контакт сме со семејството на починатиот и ја даваме сета можна конзуларна поддршка. Од почит кон чувствата на семејството во овој тежок момент, не сме подготвени да даваме дополнителни поединости“, го цитира CNN портпаролот на американскиот Стејт департмент.

Кон крајот на јануари годинава шефот на приватната воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, чиишто борци ги изведуваат главните борбени операции во Бахмут на страна на руската војска, изјави дека во урнатините на градот биле откриени многу тела на загинати странски борци кои биле осакатени за да не можат да бидат идентификувани.

„… Во Бахмут единиците на ПВК ‘Вагнер’ пронајдоа тела со отсечени глави и дланки. А, исто така, и телефони и други информации дека телата припаѓаат на платеници, кои непријателот не можел да ги извлече поради жестоките борби и на тој начин се обидел да го прикрие нивното присуство и идентитет. Сепак, заедно со телата беа најдени и електронски носачи на информации“, изјави тогаш Пригожин.

Руското Министерство за обрана повеќепати тврдеше дека последните месеци во жестоките борби за градот Бахмут во регионот Доњецк на истокот на Украина, како и на другите делови од фронтот, се ангажираат активни војници од западните земји кои наводно плански ги напуштаат своите единици и пристапуваат во украинската армија.

Со конкретни бројки во врска со странските борци во редовите на Вооружените сили на Украина, руската страна последен пат официјално се огласи уште во април минатата година, кога соопшти дека во ткн Легија на странците се борат лица од 60 земји. Најголемите групи се од Полска, САД, Канада, Романија и Велика Британија, иако во многу земји учеството во странски војни е нелегално и криминализирано. Притоа, беше наведено дека регрутирањето на странските борци, кои добиваат повеќекратно повисоки плати отколку украинските војници, се врши преку украинските амбасади во странство,.

Последните месеци има повремени извештаи за присуство на цели единици од редовните состави на војските од соседните земји на Украина, кои склучуваат платенички договори со владата во Киев.