Американски научници сметаат дека коронавирусот со мутација станал позаразен

Научници од американската сојузна држава Флорида веруваат дека докажале оти новиот коронавирус мутирал и со тоа станал позаразен, а друг тим научници од Мериленд во студија укажуваат дека коронавирусот најбрзо се шири во региони со сува и постудена клима.

Притоа научниците од Флорида истакнуваат дека е потребно дополнително истражување за да се утврди дали мутацијата го променила текот на пандемијата, но најмалку еден од групата научници којашто била вклучена во оваа студија тврди дека тоа е многу веројатно, како и дека тие промени може да објаснат зошто вирусот толку се проширил во САД и во Латинска Америка.

Станува збор за мутација којашто со седмици ги загрижувала научниците, се забележува во прилогот на CNN.

Научниците од институтот „Scripps Research“ на Флорида, чијшто труд сѐ уште не ја минал рецензијата, тврдат дека мутацијата се однесува на протеинскиот шилец, структура на надворешната страна на вирусот којашто му овозможува полесно да навлегува во клетките. Доколку овие заклучоци бидат научно потврдени, тоа ќе биде првпат да биде докажано дека промените на вирусот значително влијаат на пандемијата.

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) претходно седмицава објави дека досегашните мутации на коронавирусот нема да ја загрозат ефикасноста на идната вакцина. СОЗ минатата седмица објави и дека мутациите не го олеснуваат преносот на вирусот, ниту, пак, го прават поопасен.

Тимот научници од споменатиот институт на Флорида покажал дека благодарејќи на мутацијата D614G, вирусот имал повеќе „шилци“ и тие стануваат постабилни што им го олеснува продирањето во човековите клетки.

Истовремено во научното списание JAMA Network Open на Американското медицинско здружение, е објавена студијата според чии резултати новиот коронавирус SARS-CoV-2 најбрзо се шири во региони со сува и постудена кламиа,

За потребите на ова истражување научниците проценувале како се ширел вирусот во 50 градови ширум светот. Меѓу нив, научниците идентификувале осум градови каде што инфекцијата се пренесувала од лице на лице со „значително темпо“, а тоа се: Вухан, Токио, Даегу, Кум, Милано, Париз, Сиетл и Мадрид. Податоците биле обработувани според состојбата заклучно со 10-ти март, се наведува во текстот.

Истражувачите забележале дека сиве овие градови се наоѓаат на 30 до 50 степени северна географска широчина. Тоа, исто така, одговара на јужните и северните граници на континенталниот дел од САД. Во градовите расположени на оваа „линија“, во периодот на пикот во ширењето на коронавирусот, временските услови биле приближно исти – температура на воздухот од 5 до 10 Целзиусови степени со релативна влажност од 44 до 84 отсто.

„Веруваме дека вирусот SARS-CoV-2 се шири повеќе во услови на високи темпертури и влажност“, вели за новинската агенција UPI, еден од учесниците во ова истражување, професорот на Институтот за вирологија при државниот Универзитет Мериленд, Мохамед Саџади.

Тој, исто така, истакнува дека преостанува да се провери оваа хипотеза и оти најдобриот начин за да се стори тоа е да се проучи однесувањето на вирусот во лобораторија, каде што научниците можат да ги контролираат климатските промени.