Американски посредник во Бејрут со надеж дека ќе се постигне договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах

Американскиот посредник за Блискиот Исток, Амос Хохштајн рано утрово пристигна во Бејрут во обид да го финализира договорот за прекин на огнот што ќе стави крај на тековната војна меѓу Израел и Хезболах, изјави владин извор, пренесе ДПА.

Според изворот, американскиот дипломат околу пладне треба да се сретне со претседателот на Претставничкиот дом Набих Бери, кој го претставува Хезболах во преговорите.

Со недели во медиумите кружат детали за наводниот американски предлог за прекин на огнот.

Според либански безбедносни извори, Израел и Хезболах првично треба да ги прекинат непријателствата на 60 дена. Во овој период, израелската војска треба да се повлече од Либан, а либанските вооружени сили треба да бидат распоредени долж границата.

По 60 дена, Израел и Либан се очекува да одржат преговори за целосна имплементација на резолуцијата 1701 на ОН. Хезболах, наводно, го смета американскиот нацрт како основа за понатамошни преговори.

Израелската војска од септември масовно ги прошири своите напади во Либан, каде што тврди дека се обидува да го потисне Хезболах од нејзината северна граница за жителите да можат да се вратат во своите домови. Борбени авиони бомбардираа цели низ земјата и често во предградијата јужно од Бејрут.

Милицијата Хезболах, која ги почна своите напади врз Израел во знак на солидарност со Палестинците во Појасот Газа на 8 октомври, за возврат пукаше врз Израел, а десетици илјади луѓе во северен Израел ги напуштија своите домови.

Израел ја почна својата воена кампања во Газа за да го елиминира Хамас по терористичките напади на 7 октомври во јужен Израел.