Американски производител на чипови ја одложува изградбата на фабрика во Германија

Производителот на чипови „Wolfspeed“ со седиште во САДм соопшти дека ја одложил планираната изградба на фабрика за чипови во Германија, наведувајќи дека ги намалува капиталните трошоци поради слабата побарувачка за електрични возила во Европа и во САД.

„Wolfspeed не се откажа од фабриката и се уште се обидува да собере пари“, изјави портпаролот.

Во сојузната германска покраина Сар треба да се изгради фабрика вредна три милијарди евра. Почетокот на работите беше планиран за средината од минатата година, а сега е одложен барем до средината на 2025 година.

Поради слабоста на европскиот и американскиот пазар на електрични возила, „Wolfspeed“ ги намали капиталните трошоци и се фокусираше на зголемување на производството во Њујорк, објасни портпаролот.

Голем број производители на чипови, вклучувајќи ги „Intel“, TSMC, „Infineon“, „STMicroelectronics“ и „GlobalFoundries“, објавија планови за изградба на фабрики во земјите од Европската унија, поттикнати од европскиот закон за чипови од 2022 година.

Брисел сака да им конкурира на САД, Кина и Јапонија и одвои 43 милијарди евра приватни и јавни инвестиции во индустријата за полупроводници, по глобалниот недостиг во пандемијата 2020 година.

Резултатите сѐ уште се чекаат, изградбата на фабрики заглавува, а Комисијата издала малку дозволи за потребната државна поддршка.

„ЕУ нема да ја постигне зацртаната цел и да освои петтина од глобалниот пазар до крајот на деценијата“, смета Јан-Петер Клајнханс, експерт во германската тинк-тенк Interface, поранешна Фондација за нова одговорност (Stiftung Neue Verantwortung).

„Самодоволноста не е реална цел, бидејќи пазарите на чипови се меѓусебно поврзани и Европа останува ранлива на шокови“, нагласува Клајнханс.

Компаниите најавија многу проекти, забележува германскиот експерт, а тоа е импресивно, „дури и ако некои од нив никогаш нема да ја видат светлината на денот“, додава тој.

Германија има пријавено најмногу проекти до Европската комисија, за плановите на „Intel“, TSMC, „Infineon“ и „Wolfspeed“, но ниту еден досега не добил зелено светло од Европската комисија, забележува Reuters.