Американскиот амбасадор Хил ѝ порача на Србија дека иднината ѝ е во ЕУ и НАТО, и да не се потпира на енергенсите од Русија

Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, во интервју за Гласот на Америка изјави дека се разговара за потенцијално стратешко партнерство меѓу САД и Србија и дека таков договор е можен во иднина.

Во контекст на војната во Украина и одбивањето на Србија да воведе санкции против Русија, Хил изјави дека постои разбирање за зависноста на Белград од руските енергетски извори, но дека не е добро Србија да седи на ограда меѓу доброто и злото. Тој негираше дека има конкретни рокови кои САД ги поставуваат за решавање на косовското прашање, но порача дека се надева наскоро на напредок и дека Америка го поддржува француско-германскиот предлог.

„Мислам дека секретарот Ентони Блинкен сакаше да ја нагласи нашата желба да го придвижиме ова прашање напред. Има многу работи на кои сакаме да работиме со Србија и сакаме косовското прашање да се реши во некоја форма“, рече Хил.

Како што изјави, не сака да зборува за аспирацијата кон ЕУ само во смисла дека Србија треба да го реши прашањето за Косово.

„Мислам дека има многу елементи, од кои еден е усогласување на српската надворешна политика со ЕУ, што беше една од темите на последните разговори. Но ако јас проценувам каде треба да биде Србија во блиска иднина, мислам дека тоа е во ЕУ. И би сакал да додадам, во зависност од тоа што ќе одлучат луѓето во Србија, мислам дека добро место за српската безбедност би било во НАТО“, кажа американскиот амбасадор.

Додаде дека Србија активно бара други извори на снабдување со гас, обновливи извори на енергија, тие гледаат како да работат повеќе на хидроенергијата, сето тоа е обид да се биде независен од многу несигурен снабдувач.

„Русија дава гас по одредена цена, потоа задржува дополнителен гас, потоа зборуваат за цената, потоа се меша политиката, тие се тотално несигурни добавувачи и колку побрзо Србија се оддалечи од Русија толку подобро за народот на Србија“, изјави Хил.

Истакна дека сака да биде јасен.

„Нашата порака до Србија е дека мора да ги диверзифицира изворите на енергија, помалку да се потпира на руски извори, нема да коментирам за конкретни прашања“, кажа Хил и додаде дека се работи на многу работи.

„Не сакам да зборувам за комерцијалните интереси, но гледаме да направиме нешто поврзано со Дунав, енергијата на ветерот, сончевата енергија, други извори на природен гас кои би можеле да се поврзат со течен природен гас од САД. Течниот природен гас нема да ги задоволи сите европски потреби, но очекуваме со текот на времето и Србија да биде корисник на тој гас. Ќе видиме што може да се направи. Многу сум заинтересиран да работам со Србија и да развијам партнерство во енергетиката, за да и овозможиме избор“, изјави тој.

Гласот на Америка наведе дека министерката за енергетика на Србија, Зорана Михајловиќ, изјавила дека стратешкото партнерство со САД може да ѝ помогне на Србија во однос на енергетската безбедност.