Американскиот амбасадор во Белград, Кајл Скот, изјави дека вчерашниот инцидент во Косовска Митровица, кога од косовските полициски сили беше приведен и претепан Марко Ѓуриќ, директор на Канцеларијата за Косово и Метохија, претставува „голем чекор наназад“.
„Се надевам дека ќе надвладеат студените глави, овозможувајќи смирување на ситуацијата. Не постои алтернатива за дијалогот и мирниот соживот на сите народи на Балканот“, напиша амбасаорот Скот на Twitter.
Директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, беше уапсен во понеделникот во Косовска Митровица. По своевидниот линч, полицајците грубо го спроведувале низ улиците на Приштина при што албанското населени го исвиркувало.
Во текот на вчерашната насилна акција на припадниците на специјалната единица на косовската полиција има 32 повредени, од кои петмина со тешки повреди меѓу кои и косовскиот министер за земјоделие кој е хоспитализиран, изјави во вторникот директорот на Клиничкиот-болнички центар во Косовска Митровица, Милан Ивановиќ.
„Во болницата синоќа се згрижени 32 повредени, 17 на одделот за офтамологија поради повредите нанесени главно со солзавец, бибер спреј, но имаше и сериозни повреди, како што се ерозии на рожницата. Тринаесет лица се примени на хируршкиот и ортопедскиот оддел“, изјавил Ивановиќ за Танјуг.
Истакнал притоа дека на одделот за интезивна нега е згрижен Ненад Рикало, косовскиот министер за земјоделие, кој имал повреди во пределот на абдоменот.
Ивановиќ вели дека повредите кај настраданите се нанесени со удари од цевки од оружје, кундаци и цокули, а главно станува збор за контузиони повреди и на екстремитетите, градниот кош, абдоменот и главата.