Американскиот амбасадор во Берлин го објаснува дипломатскиот гаф во врска со Иран

Новиот американски амбасадор во Германјија, Ричард Гренел, во петокот ја бранеше својата препорака за германските компании да ги прекинат тргувањата со Иран изречена веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот објави дека САД се повлекуваат од меѓународниот нуклеарен договор.

„Самото посебе се разбира дека секоја земја е суверена и може самата за себе да одлучи кому ќе воведе санкции а кому не“, изјави новиот амбасадор на САД во Германија, Ричард Гренел, во разговорот за дневниот весник Bild.

Гренел објаснува дека во својот твит од вторникот, објавен само неколку часа откако германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер му ги врачи акредитациите, не „издавал наредби, ниту упатства“.

Истовремено тврди дека Германија, Франција и Велика Британија, коишто, исто така, се потписнички на нуклеарниот договор, го сметаат Иран за закана како што го сметаат и САД.

„Сакате ли да тргувате со закана?“, прашува Гренел, кој во неговата Републиканска партија важи како „тврдолинијаш“.

Ден претходно за изданијата на медиумската групација Funke, амбасадорот Гренел објасни дека неговиот стил е „директен“ и се зазема за тоа да биде „индивидуален пристап“ во меѓународната дипломатија.

„Заедничките размислувања за дипломатијата последните години нанесоа многу штети и доведоа до тоа Северна Кореја да стане нуклеарна комисија, во Сирија со години да се одвива геноцид. Јас сум против зеднички став по секоја цена“, појаснува Гренел.

Новата претседателка на Социјалдемократската партија на Германија (SPD), Андреа Марија Налес, пак, порача дека на Гренел му е потребна „мала подука од дипломатијата“.

Парламентарната партија Левица, пак, бара амбасадорот Гренел да биде повикан на разговор во германското министерство за надворешни работи.

Челникот на Минхенската безбедносна конференција, инаку долгогодишен германски амбасадор во Вашингтон, Волфганг Ишингер, му порача на Гренел дека улогата на амабсадорот е да ја објаснува улогата на сопствената земја којашто дипломатски ја претставува, а никогаш не смее на земјата домаќин да ѝ кажува што треба да прави.

„Германците често и доброволно сакаат да сослушаат секого, но им се опираат на инструкциите“, заклучи Ишингер.