Првиот конвој организиран од американската влада од зафатената со жестоките судири суданска престолнина Картум пристигна во саботата во пристаништето Порт Судан на Црвеното Море, каде што евакурианите ќе можат да се качат на бродови за Саудиска Арабија, објави Стејт департментот.
Операцијата е продолжување по претходните во кои беше евакуиран американскиот дипломатски персонал и „стотици американски граѓани“ кои го напуштија Судан во копнени, воздушни и поморски конвои, додаде американската амбасада.
„Конвој организиран од американската влада со американски граѓани, локални вработени и државјани на сојузничките и партнерските земји пристигна во Порт Судан на 29-ти април“, рече портпаролот Метју Милер во соопштението.
Од тоа пристаниште на Црвеното Море „ќе им помогнеме на американските граѓани и на другите лица кои имаат потреба да го продолжат своето патување до Џеда, во Саудиска Арабија, каде што ќе им биде укажана итна конзуларна помош“, додаде тој.
Стејт департментот не го прецизираше бројот на луѓе евакуирани во таа операција. Портпаролот во петокот изјави дека речиси 5.000 луѓе им се обратиле за помош да ја напуштат земјата, но дека е невозможно да се знае колку се во земјата и колку сакаат да заминат.
Жестоките борби меѓу суданската армија и паравоените сили влегоа во својата трета недела во саботата, прекршувајќи уште еден прекин на огнот. Според последните официјални податоци објавени во саботата, во борбите загинале најмалку 528 луѓе, а 4.599 се ранети.
Десетици илјади Суданци побегнаа во соседните земји, вклучувајќи ги Египет, Етиопија, Чад и Јужен Судан, додека странските земји организираат масовна евакуација на своите граѓани.