Американскиот Институт Брукингс ја негира веста дека министерот за надворешни работи Никола Димитров наскоро ќе биде ангажиран таму за плата од 14.000 долари месечно. Институтот воедно негира дека нивни вработени, како поранешната американска дипломатка Аманда Слоут, биле вмешани во подготовката на Преспанскиот договор, пишува „Република“.
Нема планови ова лице да биде ангажирано од Брукингс. Во врска со Преспанскиот договор, исто така не е точно, договорот беше напишан и преговаран од владите на Грција и С. Македонија во координација со ОН. Ниту еден експерт на Брукингс не беше вклучен во овој процес, пишува во твитер порака од институтот.
Според информацијата, Димитров се подготвува да ја искористи тековната „операција метла“ која ја најави Заев, за да замине преку барата, по покана упатена од поранешната заменичка државен секретар на САД Викторија Нуланд и Аманда Слоут.
„Брукингс Институтот“ е невладина тинк-тенк организација сместена во Вашингтон која се занимава со истражување и креирање на политики во делот на американската внатрешна политика, меѓународните односи, економијата и глобалните безбедносни предизвици кои се во сферата на интересот на Соединетите Американски Држави. Институтот има околу 200 домашни и странски (визитинг) експерти, но важи за поблизок до Демократската партија и во него се ангажирани добар дел на поранешни советници, дипломати и пензионирани генерали кои биле блиски соработници на поранешниот претседател Барак Обама и Хилари Клинтон.