![бела куќа](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/06/bela-kuka-1.jpg?resize=675%2C310&ssl=1)
Американскиот Конгрес усвои резолуција со која ги осуди судирите меѓу демонстрантите и турските телохранители пред турската Амбасада во Вашингтон, минатиот месец, пренесоа американските медиуми.
Кон средината на минатиот месец, при посетата на турскиот претседател на САД, пред резиденцијата на турскиот амбасадор во Вашингтон, имаше краток, но жесток судир меѓу приврзаници и противници на властите во Анкара.
До судирот дојде додека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган се наоѓаше во резиденцијата.
Како резултат на тепачката настрадаа девет лица, од кои двајца посериозно, а други двајца беа уапсени.
Според американските власти во тепачката учествувале соработници на турските безбедносни служби. Американските конгресмени побараа припадниците на службите за безбедност, кои учествуваа во тепачката, да бидат изведени пред суд.
Турското Министерство за надворешни работи посочи дека безбедносните пропусти за време на престојот на Ердоган во Вашингтон биле предизвикани од „неспособноста на американските власти да преземат доволно превентивни мерки во секоја етапа од официјалната програма“.