Американскиот Конгрес во четвртокот во последен момент го спречи ткн затворање на сојузните служби, но претседателот Џо Бајден го очекуваат и други проблеми додека во неговата Демократска партија се води остра расправа поради неговите големи проекти за вложувања и реформи.
Со 254 гласа „за“ и 175 „против“, Претставничкиот дом (долниот дом на американскиот парламент) го одобри законот за привремено финансирање на сојузната влада до 3-ти декември, кој во горниот дом Сенатот веќе беше прифатен со мнозинство гласови.
Претседателот Џо Бајден треба да го потпише пред полноќ по локално време за да не се прекине финансирањето на сојузните служби.
Освен непреченото функционирање на американската влада, предлогот за нејзиното привремено финансирање предвидува помош во регионите кои претрпеле последици од природните непогоди и пожарите, а вклучува и пари за бегалците од Авганистан.
Од 1980 година американската сојузна влада беше „затворана“ 21 пат поради непостигнување договор за буџетот, а ова беше првото потенцијално „затворање“ на владата во мандатот на демократскиот претседател Џо Бајден.