Американскиот претседател го избира изборниот колегиум, а не непосредно гласачите

Иако Соединетите држави тврдат дека се најразвиената демократија во светот, нивниот претседател не е непосредно избран од народот. Наместо тоа, уставот на САД предвидува секоја од 50-те сојузни држави да избира „електори“ кои всушност ќе го изберат претседателот. Таквиот изборен систем е познат како изборен колегиум односно електорски колеџ.

Од првите во 1789 година, на кои победи Џорџ Вашингтон, беа одржани 59 претседателски избори во САД. Во пет случаи, од кои два во овој век, победи кандидатот кој не освоил најмногу гласови од народот, туку во електорскиот колеџ.

Во 2000 година, демократскиот кандидат Ал Гор доби 543.895 гласови повеќе на национално ниво од републиканецот Џорџ В. Буш. Но, во спорната трка што стаса до Врховниот суд, судиите одлучија да го прекинат повторното пребројувањето и му ги доделија тогашните 25 електорски гласови од сојузната држава Флорида на Буш. Ова го стави Буш над магичната бројка од 270 електори и го обезбеди неговиот претседателски мандат.

Кога Доналд Трамп беше избран за претседател, Хилари Клинтон освои 2,9 милиони гласови повеќе од него на национално ниво. Но, Трамп стана претседател затоа што освои 304 електорски гласови, кои дојдоа од таканаречените клучни држави, наспроти 227 на Клинтон.

Доколку кандидатите освојат еднаков број електори, тогаш за изборот одлучува новоизбраниот Претставнички дом.

Како функционираат електорите

Секоја сојузна држава делегира во електорскиот колеџ онолку претставници колку што ѝ припаѓаат во однос на бројноста на нејзиното население. Има вкупно 538 електори, што одговара на бројот на конгресмени и сенатори во американскиот парламент.

Тоа значи дека има вкупно 538 електори: 435 претставници и 100 сенатори, плус тројца за округот Колумбија. Кандидатот кој ќе освои најмалку 270 електори станува претседател.

Калифорнија е најнаселената американска сојузна држава и има најмногу електори (54), а потоа следат Тексас (40), Флорида (30) и Њујорк (28). На другиот крај од спектарот, ретко населените држави како Алјаска, Вермонт, Делавер, Вајоминг или Монтана имаат само по тројца електори.

Со два исклучока, во сојузните држави преовладува принципот „победникот зема сѐ“ – кандидатот кој ќе освои мнозинство гласови во таа држава, дури и со најмала можна разлика, ги добива сите нејзини електори. Исклучок се Небраска и Мејн, кои ги делат електорите пропорционално со бројот освоени поединечни гласови.

Повеќето држави традиционално се повеќе наклонети кон демократите или републиканците и таму победникот е однапред познат, па во фокусот на кандидатите обично се оние сојузни држави каде што секој кандидат би можел да победи или таканаречените „swing states“.

Годинава има седум такви „колебливи“ – Пенсилванија (19 електори), Џорџија и Северна Каролина (по 16), Мичиген (15), Аризона (11), Висконсин (10) и Невада (6). Во сите нив, според анкетите, кандидатите се во маргините на статистичка грешка.

Некои критичари сметаат дека електорскиот колеџ е застарен и би сакале да го заменат со национално гласање. Тврдат дека избирачкиот колегиум го исмева системот „еден човек, еден глас“ со кој се гордеат САД. Дополнително, електорскиот колеџ предизвикува кандидатите да ги концентрираат своите кампањи првенствено во неколкуте клучни држави каде што исходот од гласањето е неизвесен, претворајќи ги повеќето гласачи во остатокот од земјата во обични набљудувачи.

Меѓутоа, заговорниците на сегашниот изборен модел уверуваат дека токму тоа би се случило доколку претседателот би бил избран исклучиво по волја на гласачите. Тогаш кандидатите би ги концентрирале своите кампањи во големите држави – Калифорнија, Тексас и Њујорк, додека гласачите во помалите држави би биле само набљудувачи.