Американските воени бази ширум Европа, вклучително и најголемата во Германија, во текот на викендот биле ставени во состојба на висока готовност поради можен терористички напад.
Американската телевизија CNN објави дека Пентагон го објавил второто највисоко ниво на безбедност во американските бази, повикувајќи се на двајца неименувани владини претставници. Тоа ниво на безбедност, познато како „Force Protection Charlie“, се применува кога Пентагон добива веродостојни разузнавачки информации за потенцијален терористички напад.
„Постојат веродостојни разузнавачки информации кои укажуваат на напад врз американски бази во текот на следната недела“, ja цитираше американската телевизиска мрежа Fox News изјавата на функционер.
Природата на наводната закана остана нејасна. Официјалниот претставник цитиран од Fox News наведува дека тоа не се однесува на парламентарните избори во Франција.
Европската команда на Соединете држави (EUCOM) во Штутгарт одбила да ги коментира конкретните безбедносни мерки преземени од вооружените сили на прашањето на CNN. Сепак, портпаролот рекол дека EUCOM редовно проверува „различни фактори кои влијаат на безбедноста на американската воена заедница во странство“.
„Како дел од тие напори, ние често преземаме дополнителни чекори за да ја обезбедиме безбедноста на членовите на нашите вооружени сили“, додаде портпаролот, без да наведе поединости.