Американските демократи го доведуваат во прашање испраќањето оружје на Израел поради Газа

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден во средата се соочи со повици од неговата Демократска партија да изврши притисок врз Израел да ја олесни хуманитарната криза во Појасот Газа, при што некои од нив предупредуваат дека можеби ќе се обидат да ја прекинат воената помош доколку не се подобрат условите за живот на цивилите.

„Мораме да го искористиме сите можности коишто го имаме. Администрацијата досега не ги искористи целото свое влијание. Не знам уште колку деца треба да гладуваат пред да го искористиме сето наше влијание овде, но тие навистина треба да направат повеќе“, изјави за новинарите демократскиот сенатор и член на Комитетот за надворешни односи, Крис Ван Холен.

Ван Холен и другите пратеници ја повикаа администрацијата да ја запре воената помош за Израел доколку владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху не преземе чекори како што се озвозможување на испораките на хуманитарната помош за Газа.

Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар. Администрацијата досега одбиваше да постави услови за обемната помош што ја испраќа на Израел.

„Уште колку домови и продавници, училишта и дневни центри и болници треба да се уништат пред да му кажеме на премиерот Нетанјаху дека е доволно?“, рече демократскиот сенатор Пит Велч во говорот пред Сенатот.

Членовите на Демократската партија ги упатија повиците до администрацијата додека Бајден се подготвува да одржи говор за состојбата на нацијата во Конгресот за да ги изложи своите политички приоритети.

Израелската офанзива во Газа расели повеќето од 2,4 милиони жители на енклавата и доведе до критичен недостиг од храна, вода и лекови.

Некои гласачи, особено муслиманите кои традиционално се во мнозинство наклонети на демократите, на тоа реагираа на прелиминарните избори на кои Бајден се бори за номинацијата на неговата партија за претседателските избори во ноември, со означување на гласачките ливчиња како „неопределени“.

Ван Холен истакна дека американскиот закон не дозволува продажба на оружје на земјите кои ја блокираат хуманитарната помош и предупреди дека тој и другите пратеници може да се обидат да ја запрат продажбата на ново оружје на Израел доколку тамошната влада не се заложи за решавање на кризата.