Американските фудбалерки по петти пат со олимпиското злато

Фудбалерките на САД по петти пат во историјата станаа победнички на олимпискиот турнир, откако во финалниот натпревар во Париз со минимален 1:0 ги совладаа Бразилките.

Последен пат Американките славеа на Игрите во 2012 година во Лондон, а сега имаат пет златни медали, по еден сребрен и еден бронзен. Бразилките се поразени во финалниот меч по третпат во историјата секогаш Американките беа кобни за нив. Тоа претходно се случуваше и во 2004 и во 2008 година.

Клучниот момент од финалниот натпревар се случи во 57. минута кога Алберт пресече бразилски напад на средината од теренот и испрати одлична топка кон Мелори Дајан Свансон. Оваа влета во противничкиот шеснаесетник и лесно упати кон спротивниот агол за водство на Американките.

До крајот Бразилките се обидуваа да израмнат, а единствената вистинска шанса ја имаше Адријана во 94. минута. Нејзиниот добар удар со глава беше сопрен од американската голманка Наехер за да ја потврди победата на нејзината репрезентација.

Во петокот во натпреварот за третото место, германските фудбалерки беа подобри од Шпанките со 1:0.