Кинескиот технолошки гигант „Huawei Technologies“ очекува стабилизирање на приходите годинава, сигнализирајќи прилагодување на американските санкции кои нанесоа тежок удар на неговото работење во минатата 2021 година.
Приходите оваа година би требало да изнесуваат 636,9 милијарди јуани, или 91,53 милијарди американски долари, објави ротирачкиот претседател на концернот Ерик Ксу во новогодишната писмена порака, што би значело дека ќе се задржат на минатогодишното ниво. Во 2021 година приходот на „Huawei Technologies“ падна за 30 отсто, одразувајќи го влијанието на американските санкции.
„Американските ограничувања се нашата нова нормала, работењето се нормализираше“, напиша Ксу во писмото до вработените и медиумите, без да ја споменува добивката.
Компанијата вообичаено го објавува годишниот деловен извештај во првото тримесечје од наредната година.
Приходите во 2022 година и натаму се значително се под рекордните од 2019 година од 122 милијарди долари, кога компанијата беше на врвот како глобален добавувач на паметни телефони со оперативен систем Android.
Уште во мај 2019 година американското министерство за трговија го стави „Huawei“ на „црниот список“ како загрозување на националната безбедност, со што ја блокираше нејзината набавка на технологии и компоненти од американски производители. Така технолошката компанија „Google“/„Alphabet“, сопственик на мобилниот оперативен систем Android ја прекина соработката со „Huawei“ во областите кои бараат трансфер на хардвер, софтвер и технички услуги, освен оние кои се јавно достапни во отворен код. Така, американската компанија го лиши „Huawei“ од пристапот до ажурирањето на Android OS, со кој се опремени паметните телефони на кинеската компанија.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден во јули годинава започна да го истражува кинескиот телекомуникациски концерн „Huawei“, поради загриженоста дека американските јазли во мрежните врски, опремени со нејзини уреди, би можеле да собираат податоци за воените бази и ракетните силоси, а кои подоцна компанијата би можело да ги испраќа во Кина. Американските власти стравуваат дека „Huawei“ преку опремата би можело да дојде до чувствителни податоци за воените вежби и статусот на готовност на базите и личниот состав, а истрагата била покрената од министерството за трговија, веднаш откако претседателот Џо Бајден ја презема должноста во јануари 2021 година.
Санкциите предизвикаа остар пад на уредите на „Huawei“, на компанијата ѝ го блокираа пристапот до клучните компоненти, кои требаше да ѝ овозможат проектирање сопствени процесори за паметните телефони.
Падот на приходите од продажбата на мобилните телефони во компанијата го надоместија во сегментите мрежна опрема и компјутерски технологии во облачната сфера. „Huawei“ започна да вложува и во секторот електрични возила и ткн зелени технологии, речиси истовремено кога санкциите стапија на сила.
„Макроопкружувањето можеби е одбележано со неизвесност, меѓутоа дефинитивно е сигурно дека патот во иднината води преку дигитализацијата и декрабонизацијата“, наведе челникот на кинескиот гигант во новогодишното писмо.