![Bagdad](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/02/Bagdad.jpg?resize=696%2C352&ssl=1)
Централната команда на Соединетите држави ((CENTCOM) соопшти дека командантот на Катаиб Хезболах бил убиен во напад на американско беспилотно летало во средата ноќта во Багдад.
Силите на CENTCOM „спроведоа едностран напад во Ирак како одговор на нападите врз американските војници, при што беше убиен командант на Катаиб Хезболах кој беше одговорен за директно планирање и учество во напади против американските сили во регионот“, објави командата на платформата Х.
Во моментов нема докази за колатерална штета или цивилни жртви, додаде американската војска. „Нема да се двоумиме да ги повикаме на одговорност сите оние кои ја загрозуваат безбедноста на нашите сили“, предупредуваат во соопштението.
Американските медиуми објавија дека во нападот биле убиени најмалку тројца членови на Катаиб Хезболах.
Пентагон ја поврза споменатата шиитска вооружена формација блиска на Иран во Ирак со нападот во јануари во кој загинаа тројца американски војници во близина на јорданско-сириската граница.
Американскиот претседател Џо Бајден ги обвини за нападот „проиранските радикални милитантни групи кои дејствуваат во Сирија и Ирак“ и се закани со одмазда.
Од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хамас, шиитските милиции речиси секојдневно ги напаѓаат американските воени бази во Ирак и Сирија. САД одговорија со воздушни напади во двете земји.
Веднаш по ударот во Багдад, сириските медиум, повикувајќи се на очевидци и безбедносни извори, ноќта кон четвртокот објавија дека американската база во нафтеното поле Омар во провинцијата Деир ез-Зор во источна Сирија била под ракетен оган, а на нејзина територија се слушнале експлозии.
„Американската база во полето Омар беше истрелана со четири проектили“, велат извори на сириската агенција, истакнувајќи дека во базата се случиле експлозии по гранатирањето. Изворот додал дека по гранатирањето американски хеликоптери полетале на небото над Деир ез-Зор. Засега нема официјална потврда за нападот и информации за евентуални жртви и штети.
Американската војска во Ирак има бази сега со 2.500 војници по инвазијата во оваа земја во 2003 година, а во Сирија има десетина бази со сега 900 војници во североисточниот дел каде со инвазијата по 2011 година ги држи под окупација најбогатите сириски наоѓалишта на нафта и непречено незаконски ги експлоатира. Сирија и Турција изминатите години ги обвинија САД дека во базите на сириската територија ги обучува припадниците на Исламската држава и на Работничката партија на Курдистан (PKK) кои подоцна изведуваат терористички напади во двете земји.