Американските власти предупредуваат на „руското мешање“ во изборната кампања

Само неколку дена пред претседателските избори во Соединетите држави, разузнавачките служби предупредуваат на кампања за дезинформации коишто наводно доаѓаат од Русија, објави во саботата германската агенција dpa.

Разузнавачките служби ја обвинија Русија за видео кое „лажно прикажува поединци кои тврдат дека се од Хаити и нелегално гласаат во повеќе окрузи во (американската држава) Џорџија“. Друго лажно видео обвинува „поединец поврзан со демократски кандидати за примање мито од американски забавувач“.

Американските разузнавачки служби во своето соопштение не дадоа повеќе поединости, забележува dpa.

Но, американските медиуми објавија дека видеото, кое почна да кружи кон крајот на оваа седмица, тврди дека потпретседателката Камала Харис и нејзиниот сопруг добиле 500.000 долари мито од изведувачот Шон „Диди“ Комбс.

Во заедничко соопштение, Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ODNI), Федералното биро за истраги (FBI) и Агенцијата за сајбер безбедност и инфраструктурна безбедност (CISA) ги обвинија „руските актери на влијание“ за видеата. Службите наведоа дека поединечните случаи припаѓаат на „пошироки напори“ на Москва „неосновано да го доведе во прашање интегритетот на американските избори и да поттикне поделби меѓу Американците“.

Државниот секретар на Џорџија, Бред Рафенспергер, одговорен за изборите во една од клучните држави, рече дека видеото за Џорџија „е лажно и е пример за насочената дезинформација што ја видовме на овие и на другите избори. Веројатно е странско мешање што сака да шири раздор и хаос пред претседателските избори во 2024 година“.

Рафенспергер го повика сопственикот на X, Илон Маск и лидерите на другите социјални платформи да го отстранат видеото.

Видеото првично беше објавено од анонимен кориснички профил кој претходно беше пријавен за ширење дезинформации, за кој според американските служби и медиум постои сомневање дека е од руско потекло. Видеото оттогаш е избришано.