Американското Министерство за правда планира да поднесе тужба против „Visa“, тврдејќи дека незаконски го монополизирала пазарот на дебитни картички во САД, објави Bloomberg News.
Антимонополскиот оддел на министерството се подготвува да поднесе тужба до федералниот суд уште во вторник, објави Bloomberg News, повикувајќи се на неименувани извори.
Одделот за правда ја обвинува „Visa“ за преземање широк спектар мерки за да ги спречи конкурентите да ја загрозат нејзината доминација на пазарот на дебитни картички, се вели во извештајот на американската новинска агенција за деловни за финансиски вести.
Од „Visa“ и Министерството за правда не одговориле веднаш на барањето на Reuters за коментар за извештајот.
Минатата година, Министерството за правда побара од гигантот со картички да обезбеди документи и информации за практиките поврзани со бизнисот со дебитни картички во САД и за конкуренцијата со другите платежни мрежи.
Истрагата беше покрената во 2021 година и требаше да утврди дали „Visa“ користи методи кои наштетуваат на слободната конкуренција на овој пазар. Тогаш платежната компанија нагласи дека верува дека нејзиното работење во сегментот на дебитни картички е во согласност со важечките закони.
Во средината на јуни, огранокот „Pulse Network“ на „Discover Financial Services“ се договори со „Visa“ и ја отфрли тужбата што ја поднесе пред една деценија во сојузната држава Тексас, тврдејќи дека компанијата за картички ја попречувала конкуренцијата на пазарот на услуги за дебитни картички на мрежата вредна повеќе милијарди долари. Таквата практика резултираше со повисоки давачки за трговците, тврдат тие.
И конкурентот на „Visa“, „Mastercard“, своевремено беше предмет на слична антимонополска истрага поради деловните практики во сегментот на плаќање со дебитни картички во САД и потиснувањето на конкурентните платежни мрежи, потсетува Reuters.