Амфилохије: Власта ќе преговара со мене, а не со Патријаршијата

Митрополитот црногорско-приморски Амфилохије изјави дека евентуалните преговори за темелен договор, кој се однесува на црковниот имот во Црна Гора, властите ќе ги водат со него, а не со белградската Патријаршија.

Тој наведе дека Митрополијата која тој ја предводи е „автономна и самостојна низ вековите“.

Амфилохије објасни дека Митрополијата бара темелен договор по примерот на оние кои Црна Гора ги потпиша со Католичката црква и Исламската заедница, додавајќи оти нема да се разговара за нов статус, бидејќи, според него, Митрополијата е веќе автономна.

– Кога преговараат со нас, тоа е исто како да преговараат со белградската Патријаршија, тука не постои никаква разлика, истакна владиката.

Амфилохије ја отфрли можноста за какви било преговори со црногорските власти доколку Законот за слобода на вероисповед не биде повлечен, нагласувајќи дека Законот е „нешто најлошо што и се случило на Црна Гора“.

Тој го обвини црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ дека како „безбожник и некрстен претседател создава своја автокефална црква“.